Кој тоа им го руши имиџот и овде и пред меѓународната заедница преку имиња кои се широко прифатени како спротивни на вредностите кои ги споделуваме, не можам да кажам, рече Османи кој одговарајќи на новинарски прашања рече и дека смета оти треба да се разговара со граѓаните со бугарско етничко потекло во земјава за да се види што е целта на изборот на ваквите имиња
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, го оцени како провокација вчерашното отворање на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид и оди на штета на бугарската заедница во земјава. МНР не добило покана да оди на отворањето, рече тој, но и доколку добиело немало да ја прифати.
„Правото на здружување е неприкосновено и имаат право граѓаните да создаваат клубови колку што сакаат согласно законот и Уставот, но името не е во согласност со втората точка од конвенцијата, а тоа е во духот на дијалог и пријателство бидејќи ова име ниту придонесува ниту помага во пријателството, разбирањето и дијалогот помеѓу народите и државите туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост. Оттука сметам дека да, тоа е провокација. Дури, ќе одам и подалеку. Мислам дека е на штета на бугарската заедница овде“,
рече Османи.
Ставот дека тоа оди на штета на бугарската заедница, Османи го темели на неговото 15-годишно искуство во политиката и фактот што отворањето на овој клуб со вакво име е во период кога бугарската заедница добива можност повеќе да се здружува, кога е потпишан протокол помеѓу двете држави и кога се отвора дебатата за промена на Уставот.
„Кој тоа им го руши имиџот и овде и пред меѓународната заедница преку имиња кои се широко прифатени како спротивни на вредностите кои ги споделуваме, не можам да кажам.Но, сметам дека ниту е во интерес на бугарската заедница која да ја искористи оваа шанса на отворање на дебата во позитивен контекст преку афирмација на тие вредности. Жал ми е што тоа е случува. Навистина тие треба да рефлектираат дали некој свесно или несвесно го саботира овој обид на државата да ја реафирмира нивната позиција како посебен народ овде во државата“,
рече Османи.
Тој немаше информации ниту за тоа од каде доаѓаат финансиите за овие здруженија и ги препрати новинарите да прашаат во Министерството за правда бидејќи, како што рече, МНР нема никаква надлежност за ова прашање внатре во државата.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот рече и дека смета оти треба да се разговара со граѓаните со бугарско етничко потекло во земјава за да се види што е целта на изборот на ваквите имиња бидејќи, рече, навистина сето ова е на штета на бугарската заедница.
Османи ја осуди и изјавата не неговиот бугарски колега Никола Милков кој рече дека не гледа никаков проблем во отворањето клубови со вакви имиња.
„Ја слушав изјавата на Милков, недозволиво е мешање во внатрешните прашања на Република Северна Македонија. Се надевав дека тоа ќе му го кажам во Прага, но не успеавме да се видиме поради сплет на околности. Меѓутоа, ќе се видиме во Берлин на 21 октомври каде истото ќе му го пренесам и на него“,
рече министерот.
На прашањето колку вчерашното отворање и протестот може да биде злоупотребено од Бугарија, тој вели дека полицијата вчера делуваше превентивно за да спречи евентуални инциденти и затоа не може да биде злоупотребено против Северна Македонија во ЕУ или пошироко. Меѓутоа, предупредува министерот, мора да бидеме внимателни.
„Мора да бидеме внимателни бидејќи ќе има злонамерници кои сакаат сега на државата да ѝ направат штета и да се обидат да го искористат овој случај за навреди кон бугарската заедница, евентуални инциденти … Тоа не ни треба, нас ни треба мудра политика и јасно искажување на ставовите и незадоволството по однос на тоа што се случува“,
рече Османи.
*Повеќе вести од вчерашното отворање на бугарскиот клуб во Охрид:
- „Цар Борис Трети“ ги зоврива страстите: Левица и ВМРО-ДПМНЕ ќе протестираат, МНР апелира на зрелост и достоинство
- (ФОТО+ВИДЕО) Тензично во Охрид на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“
- Здружението „Цар Борис Трети“ е отворено согласно законите, немаме намера да провоцираме никој, вели неговиот претседател
- Политички пинг-понг од осуди и обвинувања за клубот „Цар Борис Трети“
- На протестот против бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ немало нарушувања на јавниот ред и мир, соопшти охридската полиција
- Ковачевски го осуди отворањето на клубот „Цар Борис Трети“: Тоа е провокација