Тетово може да претставува ново критично жариште за ковид-19, предупреди денеска вицепремиерот Бујар Османи, посочувајќи го податокот дека по 400 спроведени тестови во Тетово и околината има 54 лица позитивни на коронавирусот.
„20 случаи се во Тетово, 18 во Боговиње, пет во Теарце, шест во Брвеница, по еден во Желино и Јегуновце. Има четири починати и двајца излекувани, повеќето од нив се лица над 60 години. Има еден случај на бебе од пет месеци, другите се лекуваат и им се вршат дополнителни проверки. Последниот случај е оној во Боговиње, каде е заразен матичниот лекар. Добро е што институции итно реагирале и ги идентификувале сите пациенти кои имале контакт со тој лекар и се ставени во самоизолација, односно 156 лица во следните 14 дена ќе бидат под здравствен надзор“,
истакна Османи.
Тој уште додаде дека од Тетово денеска добиле барање за прекин на превоз на луѓе од една во друга општина во Полошкиот регион. Ова прашање денеска ќе биде разгледувано во владнина седница.
„Верувам дека и Тетово заедно со Куманово и Прилеп ќе треба да се сметаат како три критични зони“,
рече Османи на денешната видеосесијата за состојбата со коронавирусот во земјава.
Во однос на Гостивар, направени се 161 тестирање, при што позитивни на копвид-19 се 12 лица и сите се на домашно лекување.