На средбата, како што соопштија од МНР, Османи и Ескобар размениле мислења за актуелните политички случувања во земјава. Акцентот бил ставен на европското досие на С Македонија и на потребата од продолжување на процесот на преговори со Европската Унија преку спроведување на уставните измени
Блокадата на евроинтеграцискиот процес ја чини С Македонија една милијарда евра годишно финансиска помош од Европската Унија.
Ова го посочил шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на средбата со заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален пратеник на Соединетите Американски Држави (САД), Габриел Ескобар, кој е во посета на земјава.
На средбата, како што соопштија од МНР, Османи и Ескобар размениле мислења за актуелните политички случувања во земјава. Акцентот бил ставен на европското досие на С Македонија и на потребата од продолжување на процесот на преговори со Европската Унија преку спроведување на уставните измени.
„САД имаат клучна улога во сите поважни внатрешни и надворешнополитички моменти од поновата историја на Северна Македонија, давајќи цврста поддршка за нашето успешно етаблирање како независна држава, длабоко интегрирана во трансатлантското семејство на модерни и функционални демократии“,
се наведува во соопштението на МНР.
Министерот за надворешни работи, во тој контекст, искажал благодарност и за долгорочната поддршка од САД за севкупните реформски процеси во земјава. Тој нагласил дека Владата и другите институции продолжуваат да работат со силна посветеност на спроведувањето на реформите во областите на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„На средбата беше направен осврт на соработката меѓу двете земји, во рамки на Стратешкиот дијалог, а стана збор и за сојузништвото во рамки на НАТО, со акцент на поддршката за Украина, како и претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, САД – Јадранската повелба и Процесот за соработка во Југо-источна Европа“,
информираат од МНР.
Заменик-помошникот државен секретар на САД денеска на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски ја истакна силната поддршка што САД ја даваат за европските интеграции на земјава и изрази надеж дека процесот на уставни измени ќе продолжи.
„Многу сум возбуден што процесот почна затоа што сме многу возбудени да ве видиме во ЕУ. Вие сте членка на евроатлантската заедница и би сакале нашите најблиски пријатели да бидат во сите тие структури и затоа сум среќен што процесот почна и се надевам дека ќе продолжи“,
рече помошник-државниот секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан.
Одговарајќи на новинарско прашање, што ќе му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ескобар беше дециден дека не е дојден да подложува никого на тортура.
„Не сум дојден за кого било да мачам. Сакам јасно да кажам дека САД не избираат влади на земји членки на НАТО, но поставуваме очекувања и работата за која ќе разговарам ќе биде да ја пратам истата порака која ја изнесував и во регионот – дека САД, како природни партнери, ги гледаат оние што се посветени на европска интеграција, на НАТО и се посветени на борбата против корупција и тоа сакам да биде јасно. Но, исто така, сакам да слушнам да имаме многу отворена размена на мислења и очекувам да имаме повеќе по состанокот“,
рече Ескобар.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по средбата со високиот американски дипломат, преку писмено соопштение информираа дека на неа лидерот на партијата го повторил ставот во врска со уставните измени и укажал дека единствено решение за излез од ситуацијата во која е земјава се предвремени парламентарни избори.
„Претседателот Мицкоски потенцира дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница, вклучително и САД. Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатлантските вредности. Воедно, претседателот Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација е одржување предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет“,
соопштија од опозициската партија.
Дводневната работна посета на земјава Ескобар ја почна вчера со средба со претседателот на државата Стево Пендаровски.
На неа, како што соопшти Пендаровски на својот официјален фејсбук-профил, било разговарано за македонските аспирации за членство во Европската Унија и за следните чекори коишто треба да ги преземеме како држава, за на напредуваме во процесот.