Опозициската партија обвинува дека надлежните криеле информации додека граѓаните пиеле загадена вода и прашуваат кој го потпишал извештајот дека водата е технички исправна
Откако надлежните институции официјално признаа дека постои ризик од појава на хепатит А и Е, како и од други заразни заболувања, од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) велат дека ова е токму сценариото на кое нивниот претседател, проф. д-р Венко Филипче, предупредувал уште минатата недела.

Оттаму велат оти на институциите предоцна им се вклучиле црвените светла и дека не биле преземени никакви мерки додека гостиварци пиеле вода контаминирана со фекалии, но и дека власта првично ги криела податоците од јавноста и дури сега, кога кризата веќе се разгорела, го признава ризикот од жолтица.
„Граѓаните на Гостивар ја плаќаат цената затоа што наместо стручност, превенција и навремена реакција, добија политички калкулации, прикривање информации и префрлање на одговорноста. Здравјето на граѓаните повторно беше ставено на второ место, а партиските интереси и тендерите – на прво. Јавноста сè уште нема добиено официјален и потпишан извештај со анализите за таканаречената „техничка вода“ во Гостивар“,
велат од СДСМ.
Од опозициската партија прашуваат кој институт ги изработил овие анализи, кој го потпишал и одобрил извештајот и врз основа на кои точни параметри е донесена одлуката дека водата е безбедна за употреба, притоа побараа и итно да се спроведат детални анализи на водата во сите населени места низ државата, а резултатите целосно и транспарентно да ѝ бидат соопштени на јавноста.
„За труењето на граѓаните мора да има кривична одговорност. Не само политички, туку и кривично треба да одговараат Клековски, Андоновска, директорите на локалните центри за јавно здравје и сите што знаеле, а криеле, што не презеле мерки и не го заштитиле здравјето на граѓаните“,
заклучија оттаму.
