Воедно, претседателот Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација е одржување предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет, информираат од најголемата опозициска партија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на средба со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и со амбасадорката на САД, Ангела Агелер, го повторил ставот на партијата во врска со уставните измени и укажал дека единствено решение се предвремени парламентарни избори, информираат од најголемата опозициска партија.
На средбата присуствувал и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„На средбата беше потврден ставот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени. Претседателот Мицкоски потенцира дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница, вклучително и САД. Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатланските вредности. Воедно, претседателот Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација е одржување предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата, се додава во соопштението, била потенцирана од двете страни потребата за јакнење и продлабочување на стратегиското пријателство меѓу двете држави.
Силна поддршка за европските интеграции на Северна Македонија денеска во Скопје на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, изрази помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Тој истакна дека С Македонија може да смета на САД при остварување на своите предизвици и изрази надеж дека процесот на уставни измени дека треба да продолжи.
Премиерот Ковачевски истакна дека е реален оптимист и оти верува дека следна членка на ЕУ ќе биде С Македонија. Тој уште еднаш ги повика пратениците во Собранието, нагласувајќи дека се претставници на граѓаните, да се одважат и да гласаат за европската иднина на државата. Ковачевски беше дециден дека нема можност за нов договор и за репреговарање на Преговарачката рамка.