Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска им ги предаде акредитивните писма на новите амбасадори, меѓу кои е и првиот амбасадор во НАТО по нашето зачленување во Алијансата.
„Имате голема чест, но и обврска да градите мостови и партнерства во земјите на вашиот прием. Од вас, како наши највисоки претставници, очекувам достоинствено, темелно и ефикасно спроведување на овие наши стратешки интереси. Особено ме радува што успеавме во оваа прилика, како дел од правата група амбасадори, да го врачам и акредитивното писмо за нашиот прв Амбасадор во Мисијата во НАТО, Дане Талески“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата посочи и дека пополнувањето на испразнетите амбасадорски места мора да продолжи и да се забрза како приоритет на надворешната политика и изрази очекување дека наскоро ќе завршат и дел од постапките за останатите испразнети места во дипломатско-конзуларните претставништва.
Покрај Дане Талевски, Османи денеска ги врачи и акредитивните писма на: Данчо Марковски како вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Албанија; Фатон Бејта како вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Данска; Шпреса Јусуфи како вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Косово; Сали Лимани како вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Казахстан; Шабан Јашари како вонреден и ополномоштен амбасадор во Државата Катар; Теута Агаи – Демјаха како вонреден и ополномоштен амбасадор и шеф на Постојаната Мисија при ООН во Женева.
Во својата мисија заминува и Марија Ефремова, како вонреден и ополномоштен амбасадор при Светата Столица, со седиште во Ватикан, но таа денеска беше оправдано отсутна на средбата во МНР.