Општината нема да го официјализира овој приватен настан. Добив покана за отворањето, но нема да одам, вели градоначалникот Стојанов

Ниту издадов дозвола ниту забрана за отворање приватен македонски културен клуб. Ако некој шпекулира со моето име и институцијата на градоначалникот, тоа е лага. Овој настан нема никаква врска со општината и ние немаме врска со тоа. Вака градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, за „24 часа“ ги коментира информациите околу претстојното отворање на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ в недела во Благоевград.
„Група луѓе изнајмиле простории од приватно лице и решиле да направат клуб. Општината нема да го официјализира овој приватен настан. Добив покана за отворањето, но нема да одам“,
вели Стојанов.
Повод за коментарот на градоначалникот на Благоевград е информацијата објавена од нерегистрираната „ОМО Илинден – Пирин“ дека отворањето на македонскиот клуб официјално го дозволил градоначалникот.
На отворањето на клубот присуство најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во чија делегација ќе бидат и пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски нема да присуствува на отворањето на клубот, но ги повика сите граѓани што имаат можност, особено граѓаните од Благоевград и на пограничните места да присуствуваат на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград и им порача оти ваквите настани ги зближуваат граѓаните.