Во Кривичниот законик постојат две дела – едното е пренесување заразна болест и другото е непостапување по здравствените прописи за време на епидемија. За едното докторката не може да се гони бидејќи во државата нема прогласено епидемија, додека за другото е сè уште рано бидејќи не се знае дали таа некого заразила
Обвинителството вели дека сѐ уште е рано за кривично-правна интервенција за директорка на Клиниката за кожни болести која се заразила со коронавирус при патување во Италија, а кога се вратила, наместо во самоизолација, пет дена одела на работа.
Во Кривичниот законик постојат две дела, едното е пренесување заразна болест и другото е непостапување по здравствените прописи за време на епидемија.

За второто дело, таа не може да одговара бидејќи во земјава не е прогласена епидемија, додека за првото дело е рано за постапување бидејќи не се знае дали заразила некого или не.
„За кривичното дело пренесување заразна болест од член 205 став 1 од Кривичниот законик потребно е сторителот со кршење прописи или наредби да предизвика пренесување заразна болест. Ова кривично дело е умислено по својата правна природа. Воедно, во ставот 6 од истиот член е пропишана и казнивост на ова кривично дело сторено од небрежност. Во поглед на настанатата ситуација со докторката – директорка на Универзитетската клиника за дерматологија, Јавното обвинителство ја известува јавноста дека ја следи настанатата состојба и укажува дека сè уште е рано за кривично-правна интервенција, од причина што лицата со кои имала контакт докторката се во карантин и сè уште не е познато дали таа кај нив предизвикала пренесување на заразната болест, што е битна околност за кривично-правно постапување. Од друга страна, и самата докторка е во карантин и во овој момент не може да се утврди дали во конкретниот случај постапувала умислено или од небрежност“,
велат од Јавното обвинителство за „360 степени“.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека по изборите директорката ќе биде разрешена од функцијата, а на новинарско прашање дали и кривично ќе одговара, тој ги повика другите институции да реагираат.
Поради неодговорноста на лекарката, речиси 200 лица се во домашна изолација – членови на нејзиното семејство, вработени на Клиниката, пациенти кои биле хоспитализирани или доаѓале во дневната болница и учесници на семинарот кој се одржал во саботата и на кој присуствувале 103 гости, од кои тројца и од Грција.
*Поврзани вести
Цела кожна клиника оди под клуч, пациентите пуштени дома
(ГАЛЕРИЈА) На интерните и на кожната клиника во Скопје навидум редовна состојба
Неколку лекарки од Штип во домашна изолација зашто биле во контакт со заразената директорка