Засега, и покрај интересот на новинарите, од Собранието нема официјална потврда дали извештајот пристигнал во Законодавниот дом, кога оттаму ќе споделат информации со јавноста и дали и кога ќе продолжи седницата на Комисијата задолжена за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање на која директорот на АНБ реферира за случајот „Онишченко“. Претседателот на Собранието ја суспендираше седницата се додека, како што рече неодамна на брифинг со новинарите, не заврши истрагата на МВР
Основното јавно обвинителство Скопје денеска го добило извештајот од истрагата на Министерството за внатрешни работи за безбедносниот пропуст кога аудио од рефирирањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски за случајот „Онишченко“ одеше во живо на собранискиот јутјуб-канал, иако седницата на Комисијата задолжена за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање беше затворена за јавност.

Оттаму на прашање на „360 степени“ велат дека извештајот ќе биде распределен кај надлежен јавен обвинител кој треба да ги проучи наводите во него.
„Извештајот за кој покажувате интерес денеска пристигна во Основното јавно обвинителство Скопје. Ќе биде распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе ги проучи наводите и ќе ги направи неопходните проверки“,
стои во одговорот од Обвинителството на нашите прашања.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера, одговарајќи на новинарско прашање, потврди дека извештајот е доставен до Собранието и до Јавното обвинителство и додаде дека Законодавниот дом и ЈО најверојатно ќе споделат информации во врска со него.
Претходно на 21 ноември од Јавното обвинителство, исто така, на прашање на „360 степени“ дали се известени за случајот и дали евентуално е отворена постапка од страна на надлежно Основно јавно обвинителство, одговорија дека Јавното обвинителство ги следи сите информации и доколку бидат утврдени елементи на кривично дело во настанот ќе постапи согласно своите законски надлежности.
Засега, и покрај интересот на новинарите, од Собранието нема официјална потврда дали извештајот пристигнал во Законодавниот дом, кога оттаму ќе споделат информации со јавноста и дали и кога ќе продолжи седницата на Комисијата задолжена за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање.
Инаку, седницата Комисијата на која директорот на АНБ, Виктор Димовски реферираше за случајот „Онишченко“ сè уште не е завршена. Претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифингот со новинарите на 23 ноември потврди дека ја суспендирал седницата на Комисијата, додека не заврши истрагата на МВР.
„Не исклучуваме ништо. Мора да знаеме како се случило тоа. Дали е случајно, дали станува збор за човечка грешка, дали некој прислушувал. Тоа ќе каже извештајот на МВР. Ова беше надвор од доменот на Собранието. Ние немаме капацитет да направиме стручен надзор во однос на техниката“,
рече Џафери на брифингот.
Истрагата за безбедносниот пропуст, како што информираат од МВР ја водеше Секторот за компјутерски криминал при Министерството.
Безбедносниот пропуст на собранискиот јутјуб-канал се случи на 18 ноември на седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, на која директорот на АНБ, Виктор Димовски, во реферираше за улогата на Агенцијата во случајот со додавањето државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко.
Имено, на јутјуб-каналот одела слика од пленарната сала, но и аудио од реферирањето на Димовски. Салата 4 каде што се одржува седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР беше испразнета, а собраниските служби ги заклучија вратите.
Безбедносниот пропуст се случи и покрај тоа што пред почетокот на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, собраниското обезбедување побара од членовите на Комисијата да ги остават мобилните телефони и чантите пред салата 4 каде што се одржуваше седницата која беше затворена за јавност поради класифицираните информации, кои Димовски претходно најави дека ќе бидат дел од неговото излагање.
Владата на денешната седница му го поништи државјанството на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко и, како што соопштија од владината прес-служба, го задолжила Министерството за внатрешни работи веднаш да постапи по одлуката.
Постапката за одземање на државјанството Владата ја започна на 23 ноември.