Документи и елаборати се побарани од Министерството за здравство, фирмата „Брако“, Клиничката болница во Тетово, ЕВН, а ќе се вештачат и материјалите од кои е изградена
Основното јавно обвинителство ја побара од Министерството за здравство целокупната документација за градбата на модуларната болница во Тетово која на 8 септември целосно изгоре во пожар при што загинаа 14 лица.
Истражители од Основното јавно обвинителство во Тетово ќе ја подигнат документација што ќе биде предмет на разгледување и анализа.
Исто така, петтемина обвинители побарале од Основно јавно обвинителство во Велес да ја одземе целокупната документација за градбата од фирма од Велес.
Од болницата во Тетово, пак, се побарани податоци дали има изготвено елаборат за складирање на хемикалии и горива, како и генератори при прекин на струја, како и да се достави планот за електрична инсталација на модуларната болница.
Издадена е писмена наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, да се достави планот – елаборат на системот за снабдување со кислород со доводи, цевки и приклучоци за модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.
Од „ЕВН Македонија“, КЕЦ-Тетово, побаран е елаборат за снабдување со електрична енергија, односно планот за целокупната електрична инсталација за модуларната болница.
До Градежен институт „Македонија“ е доставено барање за градежно вештачење, за да се подигнат примероци од опожарениот вграден градежен материјал од самото место на настанот – под, таван, ѕидови, прозорци, врати, изолација и слично од модуларната болница, со цел да се испита и да се образложи од каков материјал се изработени, каков материјал е вграден во модуларната болница во Тетово и да се преземат и други потребни дејствија, кои се во насока на утврдување на составот на градежните материјали.
Основното јавно обвинителство во Тетово во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје презема дејствија и активности со цел да се утврди дали и какви мерки на противпожарна заштита се применети во модуларната болница во Тетово од пуштањето во употреба до денот на настанување на пожарот.
Побарани се и сите протоколи за начинот на работа, како на модуларната болница така и на Клиничката болница во Тетово.
Претходно, како што денеска соопшти ОЈО, од инспекторите за компјутерски криминал на СВР-Тетово се бара да ги обезбедат снимките објавени на социјалните мрежи, особено оние со пожарот, да се достават службени белешки или евентуално записници за извршените разговори на тој ден, обезбедување листа на членови на семејствата, како и на починатите лица, како и од пациентите болни од ковид-19 кои биле евакуирани.
По прибирање на потребните податоци, лицата ќе се сослушаат во Основно јавно обвинителство во Тетово и ќе биде подготвен посебен извештај во врска со полициските службеници кои први дошле на самото место – дали презеле некои дејствија како кршење на прозорци, врати или ѕидови или во внатрешните простории, дали некое полициско лице било присутно на самото место, за начинот на кој е известено во СВР-Тетово за настанатиот пожар, како и од кого биле известени.
ОЈО бара и податоци за лицето кое било одговорно за раководење со изградбата, лицето кое имало овластување за надзор при градбата, да се достави извештај дали е извршен технички прием и доколку е извршен – кој го извршил и кои лица ја изготвиле техничката спецификација за јавната набавка за модуларните болници изградени во државата.
Истовремено, обвинителството продолжува да сослушува сведоци и лица кои даваат потребни известувања, по однос на трагичниот настан.
Еден ден по пожарот, Министерството за здравство соопшти дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени после технички прием.
„При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорците се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците и сл. По овие барања, е постапено и тие се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска“,
информираат од Министерството.
Ковид-центарот во Тетово, како што се истакнува, ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи.
Од компанијата „Брако“, која е изведувач на модуларните ковид-центри во земјава, реагираа на, како што посочуваат, одредени шпекулации што се појавија во дел од јавноста, откако изгоре во целост објектот во Тетово.
„Нашата компанија, која работи по највисоките стандарди за квалитет, е испорачувач на модуларни префабрикувани контејнери на споменатата модуларна болница, а во интерес на објективно информирање на јавноста, сакаме да потенцираме дека оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет. Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани и проверени, за што впрочем е доказ уредниот технички прием на објектот, кој потоа е предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светската банка, како финансиер на проектот, преку проектната единица при Министерството за труд и социјална политика. Сакаме да напоменеме дека забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, а кои се споменуваат од дел од медиумите, беа во најголем дел од естетска природа и никако не можат да се поврзат со несреќата, а уредно беа отстранети во зададениот рок, пред пуштање на болницата во употреба“,
се посочува во известувањето што компанијата „Брако“ го објави и на својата фејсбук-страница.
Претседателот Пендаровски ден по пожарот дојде на самото место и ги отфрли шпекулациите дека можеби пожарот е подметнат, меѓутоа рече дека за тоа последниот збор го има надлежниот јавен обвинител и порача дека македонската јавност заслужува брз и темелен одговор за несреќата.