Пламените јазици беа толку големи, пожарот можеше да фати и друг објект. Тогаш штетата би била уште поголема. Дадовме сè од себе, го дадовме максимумот, само пламените јазици да не се прошират и да можеме да извадиме што повеќе луѓе, сведочи командирот на тетовските пожарникари, Ука Алити, за синоќешната битка со пожарот во модуларната болница во ковид-центарот во Тетово.
„Во тие моменти не гледавме и не мислевме дали вадиме живи или мртви. Колку што можевме, извадивме, но треба да нагласам дека и многу од граѓаните и од лекарите ни дадоа голема помош за да ги евакуираме луѓето што беа во модуларниот центар“,
вели Алити.
Пожарот кај нив бил пријавен во 21:02 часот. Голем број граѓани се јавиле да го пријават пожарот, а командирот вели дека веднаш излегле на терен со три противпожарни возила и 16 пожарникари.
„Само еден пожарникар останал да прима повици, сите други излегле на самото место. Стигнале многу бргу и почнале да интервенираат. Првата интервенција со две противпожарни возила била од внатрешната страна на медицинскиот центар. После се видело дека треба да се интервенира и од другата страна, од страна на реката, со едно противпожарно возило и една екипа бидејќи тука требаше да се гаси пожарот, но истовремено и да се направи евакуација на луѓето или болните што лежеле тука“,
вели Алити.
Тој вели дека имало само една експлозија на боца, а во интервенцијата полесно бил повреден само еден пожарникар, а четворица вдишале чад.
„Претпоставувавме дека во модуларниот ковид-центар постојат боци. Боците со кислород при голема температура како синоќа експлодираат. Кислородот се знае дека не гори, само прави експлозија, но помага на проширување на пламените јазици. Моравме да бидеме претпазливи и кога експлодираат боците“,
вели командирот.