Освен Изет Меџити, дел од т.н. „огнена група“ на ДУИ се и пратеничката Мерита Коџаџику и пратеникот Кастриот Реџепи, кој по разидувањето во Беса дејствува како независен во парламентот, а се појавува на теренските средби што „огнените“ ги имаат со членови на ДУИ
Еден ден пред собраниската седница за владината реконструкција, пратеникот од редовите на ДУИ и член на „огнената група“ од оваа партија, Изет Меџити, вели дека „огнените“ нема да ги поддржат предложените промени во Владата. Освен Меџити, дел од т.н. „огнена група“ се и пратеничката Мерита Коџаџику и пратеникот Кастриот Реџепи, кој по разидувањето со Беса дејствува како независен во парламентот, а се појавува на теренските средби што „огнените“ ги имаат со членови на ДУИ.
На собраниска седница, пратенците, меѓу другото, треба да се произнесат и за предлогот на премиерот Димитар Ковачевски за разрешување на заменик-министерот за одбрана Башким Хасани од ДУИ, кој е дел од „огнената група“.
„Не можеме да се преправаме дека ги обединуваме Албанците или ги обединуваме во европски фронт кога си ја делиме сопствената партија или домот. Јасно е дека тоа е сојуз за интереси, сојуз на пазарења за да се замолчи поинаквиот глас. Во предлозите што ги видов нема европска вредност. Ова нема врска ниту со европскиот фронт ниту со уставните измени, туку едноставно да се замолчи поинаквиот глас. Ако извршната власт повторно ја изгласаат 64 пратеници, тогаш повторно господинот Ахмети е во минус, ДУИ е во минус“,
изјави пратеникот и член на „огнената група“ Изет Меџити за ТВ Алсат.
Со влегувањето на Алијанса за Албанците во Владата, според Меџити, најголем губитник е ДУИ, бидејќи, како што вели, партијата ќе изгуби и министер (Насер Нуредини) и заменик-министер (Башким Хасани).
Меџити во изјавата за ТВ Алсат вели дека е добро што „огнената група“ немала министер во Владата, бидејќи и тој ќе бил разрешен, каков што е случајот со заменик-министерот за одбрана Хасани.
Меџити додава дека ако досега „огнените“ го молеле партискиот лидер Али Ахмети да го смени Артан Груби од вицепремиерското место во Владата, со цел, како што вели, да се отвори нова перспектива за подмладокот на ДУИ, отсега можеби и нема да има таква потреба.
„Можете да го задржите Артан или да се зближите уште повеќе, но ако тие му должат нешто, ние не му должиме ништо“,
рече тој.
Меџити е убеден дека резултатите од однесувањето на ДУИ ќе се видат на следните парламентарни избори, без разлика дали тие ќе бидат редовни или предвремени.