За случајот ќе бидат информирани директорот на училиштето и градоначалникот, од кои министерката за образование очекува постапување согласно со законот
Една од наставничките кои ја организирале приредбата во основното училиште „7 Март“ во тетовско Челопек, на која ученици беа облечени во воени униформи со амблеми на УЧК и со пушки во рацете, ќе понесе одговорност за случајот. Ваква информација денеска објави министерката за образование и наука Весна Јаневска наведувајќи дека тоа е заклучокот од извештајот на просветните инспектори кои извршија вонреден надзор во училиштето.

За случајот ќе бидат информирани директорот на училиштето и градоначалникот, од кои Јаневска очекува постапување согласно законот.
„Но, она што е поважно, според мене е дека и во ова училиште, но и во неколку други каде што имавме пријави за нерегуларности, каде што, чесно ќе кажам, не се утврдени нерегуларности, но имало некаков револт, ќе спроведеме обука за соживот, мултикултурализам, мултиетничност, и за тоа ќе побараме поддршка и од ОБСЕ“,
изјави Јаневска во одговор на новинарски прашања во Ректоратот на УКИМ каде што учествуваше на конференција „Подобро образование за посилен раст“.
Во училиштето „7 Март“ во тетовско Челопек влегоа инспектори од Државниот просветен инспекторат откако по повод Денот на независноста на Албанија и на албанското знаме, на 28 ноември таму беше организирана приредба во која ученици носеа воени униформи со амблеми на УЧК.
