ДИК соопштува дека сега веќе нема пречка во краток рок да го потпише договорот со германската компанија која ќе треба за 20-ина дена да достави 200 уреди, кои ќе се користат за обука со цел непречено да може да се користат за идентификување на гласачите на локалните избори
Уредите за читање отпечаток од прст, со кои ќе се врши биометриска идентификација на гласачите на претстојните локални избори во октомври, дефинитивно, ќе се набават од германската компанија „Дермалог“.
Ова следува откако заврши жалбената постапка пред Државната комисија за жалби по јавни набавки, пред која пристигнала жалба од една од останатите три фирми кои конкурираа на тендерот на ДИК.

„Комисијата пред околу половина час доби известување од Државната комисија за решавање по жалби по јавни набавки дека жалбата поднесена во тендерската постапка за набавката на уредот за биометриска идентификација на гласачите со отисок од прст е одбиена. Тоа значи дека, конечно, ДИК како договорен орган има правосилна, конечна одлука во постапката, избран е економскиот оператор и во наредниот краток период ќе се пристапи на склучување на договор за набавката на уредните“,
рече претседателот на Комисијата за јавни набавки и член на ДИК, Оливер Ристовски, на денешната јавна седница.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, исто така, порача дека со ова е исполнет и последниот услов за одржување на локалните избори и изрази надеж дека со овие апарати ќе се оствари начелото „еден гласач – еден глас“.
Попладнево, претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да ги распише изборите чиј прв круг треба да се одржи на 17 октомври годинава. Изминативе два дена ДИК веќе имала седници и координации за спремна да го дочека распишувањето, а откако тоа ќе се случи, ќе го донесе и роковникот.

„Подготвени сме за почеток на изборите. Ја чекаме одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери. По донесувањето на одлука и објавувањето во Службен весник, веднаш ќе одржиме седница на која треба да го донесеме роковникот за спроведување на локалните избори“,
вели Даштевски.
Дел од подготовките треба да бидат и обуки во секоја Општинска изборна комисија за тоа како да се користат апаратите од „Дермалог“. Даштевски потсети дека германската компанија во рок од 20-ина дена треба да испорача пет отсто (200 апарати) од вкупниот број кој изнесува 4 000 за да може да се одржат обуките.
Со оглед дека непосредно пред седницата добиле известување од Државната комисија за жалби по јавни набавки и ја немаше понудата пред него, тој не сакаше да шпекулира со бројки колку ќе тежи набавката од „Дермалог“.

„Мислам дека цената е помала од таа што беше предвидена, но не можам сега со бројки за да не згрешам“,
рече Даштевски.
„360 степени“ веќе објави дека понудата на германската компанија е малку помала од проценетате вредност и била најниска во споредба со останатите три фирми кои конкурирале. Конкретно, за оваа набавка беа планирани 11,7 милиони евра (720 милиони денари), а понудата од „Дермалог“ е 11,2 милиони евра (688 милиони денари).
Оваа фирма, според објаснувањата од ДИК, е единствената која ги исполнила сите критериуми, а меѓу поднесената документација во апликацијата на тендерот имала и позитивна референца за искуството со изборите во Авганистан.
„360 степени“ вчера пишуваше и дека во ДИК пристигнало писмо од респектабилна невладина организација од Авганистан, во кое се предупредува за тамошното лошо искуство со „Дермалог“ со неколку спорни аспекти кои ги детектирале набљудувачите. Меѓутоа, Ристовски во изјавава за „360 степени“ рече дека германската компанија единствена ги исполнила сите критериуми, а во контекст на авганистанското искуство, потенцира дека е доставена позитивна референца од овластено изборно тело во Авганистан, што било и еден од условите за учество. Даштевски, пак, рече дека завршила управната контрола на самата постапка и во неа Бирото за јавни набавки не утврдило неправилности кои може да влијаат на набавката.