Венко Филипче е министер за здравство, а не партиски портпарол, забележа на фејсбук Орце Ѓеорѓиевски од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата реакција доаѓа по несогласувањата меѓу Министерството за здравство и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ околу тоа дали во земјава има доволно тестови за коронавирус.
„Политикантството на Филипче на најјако. Човекот наместо да се грижи за тоа што состојбите му излегуваат од контрола, се впрегна да се докажува колку тестови има за корона. Виде шанса за политика и се впрегна во политичко докажување. Нека му каже некој дека е министер за здравство, а не портпарол на партија, а најмалку на Заев“,
напиша Ѓорѓиевски на фејсбук.
Претходно, Филипче се огласи преку твитер, забележувајќи дека владата џабе се бори против дезинформации поврзани со коронавирусот, кога лидерот на најголемата опозициска партија шири лаги и креира паника. Министерот реагираше на изјава на Христијан Мицкоски дека македонското здравство располага со тестови за ковид-19 само за уште еден ден.