Залудно се бориме против лажни вести поврзани со епидемијата со ковид-19 ако лидерот на опозицијата лаже и создава паника, забележа министерот за здравство Венко Филипче на твитер, смирувајќи дека во земјава има доволно тестови за дијагностицирање на вирусот.
„Се чудам со каква леснотија Христијан Мицкоски ја лаже јавноста дека сме имале тестови за само еден ден. Џабе се бориме против лажни и неточни вести ако претседателот на најголемата опозициска партија свесно лаже и креира паника меѓу граѓаните. Бидете спокојни, тестови има и постојано се набавуваат резерви“,
напиша Филипче.
Мицкоски изјави синоќа дека власта не води сериозна борба против пандемијата, со оглед на инфромациите со кои располага дека Министерството за здравство во моментов не располага со повеќе од 100 теста за опасниот вирус.
Од Министерството за здравство реагираа дека според бројот на направени тестирања на еден милион жители, нашата земја е меѓу првите 30-40 држави во светот со над 2 200 тестови на милион жители.