Приватната клиника „Систина“ во соопштение до јавноста дава појаснување за брзите тестови за коронавирус кои деновиве беа предмет на дебата за нивната кредибилност.
Од болницата велат дека за тестовите COVID – 19 IgG-IgM Rapid имаат екслузивен договор со холандска компанија, а употребата е одобрена од холандската Влада. Потврда за професионална употреба, велат имаат добиено и во Велика Британија и Саудиска Арабија, кои како што посочуваат, важат за земји со исклучително ограничувачки и претпазливи регулативи во здравствениот систем.
„Клиничката болница Аџибадем Систина е дел од втората најголема групациjа на болници во светот (IHH) и е првата болница која во земјата ја доби престижната акредитација за квалитет Joint Commission International (JCI) во 2016 година, а во текот на минатата година доби и потврда, односно реакредитација на златниот печат кој гарантира безбедност и сигурност за пациентите и вработените. Оваа најпрестижна болничка акредитација е потврда на високопрофесионална здравствена услуга за пациентите проследена со потврдено квалитетна опрема, технологија и кадар. Сето ова за нас значи одговорност за нивото на услуги кои ги пружаме на нашите пациенти“,
стои во соопштението.
Употребата на брзите тестови, наведуваат, е потврдена и препорачана и од FDA – Американската Асоцијација за примена на храна и лекови која сигнализирше дека федералните регулатори се целосно задоволни со податоците за резултатите на тестот, а се поголем е бројот на земји кои се одлучуваат за нивно користење како најбрзо и едноставно решение за проверка на имунолошкиот статус на населението, а преку тоа проверка дека лицата биле во контакт со вирусната инфекција, а со цел побрзо враќање во редовното функционирање.
Дополнително, обвинуваат дека за кредибилноста на тестовите се шират лажни вести и најавија тужби.
„Аџибадем Систина, како сериозна здравствена институција, со сериозна светска акредитација од самиот почеток ги објасни и јавно ги приложи сите детали во врска со овие тестови на граѓаните и понатаму нема никаква намера дополнително да дебатира, а до конкретни лица ќе поднесе кривична пријава за загрозување на јавното здравје преку невистинитите информации кои ги пласираат во јавноста и ширење паника преку изнесување лажни вести. Кон кривичната пријава ќе се приклучи и холандската компанија од која се набавени овие тестови“,
стои во соопштението
Коментирајќи ги брзите тестови министерот за здравство, Венко Филипче синоќа во интервју за „360 степени“ повтори дека тие детектираат антитела, а не и присуство на вирусот. Затоа секој позитивен тест што е направен таму се повторува во Институтот за јавно здравје, за да може да се каже дали во дадена фаза лицето е носител на вирусот и може да ја прошири болеста.