Од септември годинава до јануари следната година во Мексико ќе се тестираат четири вакцини против ковид – две од кинески компании, и од американска и една од мексикански огранок на француска компанија, соопшти денеска министерот за надворешни работи на Мексико, Марчело Ебрард.
Според договорите се работи за тестирање на вакцини што ги развиле Јансен Фармацеутикалс (во сопственост на Џонсон и Џонсон) и кинеските компании Кансино Билоџикс и Валвак Биотехнолоџи, објави Си ен ен.
Во јули, Ебрард објави дека Мексико ќе учествува во тестирање на вакцината против ковид-19 на мексиканскиот огранок на француската фармацевтска компанија Санофи-Пастер.
Се работи за трета фаза од тестирањата кои би биле од септември до јануари.
Денеска Русија официјално регистрира прва вакцина против коронавирус во светот, што наиде на различни реакции.
„Главното не е во тоа да се биде прв во добивање на вакцина. Главно е да се има вакцина која е ефективна и безбедна за американскиот народ и за сите луѓе во светот,
изјави американкиот министер за здравство Алекс Азар.
Според него, Русија одобрила вакцина пред завршувањето на финалната, трета фаза клинички испитувања, а сепак досега не објавила никакви научни податоци од првите две фази.
И Германија изрази сомнеж во квалитетот и безбедноста на руската вакцина и посочи дека лек, односно вакцина, може да се регистрира во Европската унија само откако ќе бидат спроведени сите клинички испитувања.
„Безбедноста на пациентите е најголем приоритет. Нема податоци за квалитетот, ефикасноста и безбедноста на руската вакцина“,
изјави портпаролката на Министерството за здравство за германската мрежа РНД.
Од СЗО соопштија дека преговвараат со Москва за тестирање на безбедноста на вакцината.
САД соопштија дека две од шест разработени вакцини во земјата се наоѓаат во финален стадиум на тестирање, пред да бидат конечно одобрени за употреба од Агенцијата за храна и лекови (ФДА).