Дополнителен проблем е тоа што на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ му недостигаат автобуси за да може да го покрие зимскиот возен ред којшто почнува од понеделник
Околу 150 автобуси кои се управувани од приватните превозници во Скопје в понеделник ќе возат ќе возат само по една линија наутро, од 5 часот, а потоа возилата ќе бидат паркирани и скопјани нема да имаат можност да се возат со нив. На овој начин приватниците ќе го искажат револтот што кон нив не е исплатен долгот што Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ го има. Но, не само долгот е причина за паркирањето на автобусите. Приватните превозници велат дека и тоа што сумата што ја добиваат за изминат километар не е променета од 2017 година е причина за револтот што ќе ги искажат.
Приватниците велат дека долгот е преголем, но точната сума не ја знаат бидејќи треба сметководствено да се пресмета.
Паркирањето на автобусите на приватните превозници ќе значи дека скопјани в понеделник, на првиот училиштен ден, ќе се соочат со дополнителен проблем во јавниот превоз.
Дополнителен проблем е тоа што на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ му недостигаат автобуси за да може да го покрие зимскиот возен ред којшто почнува од понеделник.
Од ЈСП „Скопје“ велат дека немаат доволен број автобуси за да го пополнат летниот возен ред, а камоли зимскиот. Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Драги Кушовски во интервју за МИА ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП „Скопје“.
Со цел да се надминат проблемите, на 22 август беше одржана средба на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претставници на советничките групи во Советот на Град Скопје по што беше договорено советниците да поддржат пренамена на средства за репарирање на 30 автобуси на ЈСП.
На 29 август на седницата на Советот на Град Скопје не добија поддршка проектите за набавка на нови автобуси и Брз автобуски превоз по што градоначалничката на Град Скопје испрати отворено писмо до Владата во кое ја повика Владата да ја спроведе набавката на новите автобуси, а доколку немаат средства за таа намена, со одлука на Советот на Град Скопје, ќе ги префрлат потребните средства за набавката.
Ова не е првпат приватните превозници да не сообраќаат по скопските улици. Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град.
По трите пропаднати повици кои Град Скопје ги распиша за нивно повторно вклучување во јавниот превоз, откако тие престанаа да сообраќаат барајќи од ЈСП и од Градот исплата на долгот од над еден милион евра, во мај 2023 година беше потпишан договор со приватните превозници, со што 105 модерни автобуси, кои ги исполнуваат еколошките стандарди согласно јавниот повик, почнаа да сообраќаат на скопските улици.
Првите два огласи пропаднаа оти на нив не се пријави никој, а третиот оглас пропадна поради, како што тогаш соопштија службите на Град Скопје, нецелосната документација на подносителите на апликациите.
Во меѓувреме, градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не се во право.
Градоначалничката Данела Арсовска ги обвини приватните превозници дека пет години наплаќале, а не пријавиле ниту еден продаден билет. Како што посочи таа, двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 година, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
По ова, следуваше закана за тужба од приватните превозници поради клевета.