Доколку Владата нема средства за оваа намена, предлогот на градоначалничката е со одлука на Советот на Град Скопје тие средства да се префрлат на посебна сметка за потоа Владата да ја спроведе набавката на автобуси
Во отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски испратено денеска, скопската градоначалничка Данела Арсовска го повика да внесе, како што вели, разум во работењето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а доколку не може да ги убеди да гласаат за набавка на нови автобуси за главниот град, тоа да го стори Владата.
Доколку Владата нема средства за оваа намена, предлогот на градоначалничката е со одлука на Советот на Град Скопје тие средства да се префрлат на посебна сметка за потоа Владата да ја спроведе набавката на автобуси.
„Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје в среда, на 4 септември, на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и другите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот. Предлагам условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да ги предложите Вие како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а да го предложите преку Вашите советници во Советот на Град Скопје. Јас сум подготвена, како и досега, да ги прифатам Вашите барања и услови, со една цел – подобар живот на граѓаните на градот Скопје“,
пишува Арсовска до отвореното писмо до премиерот Мицкоски.
Во отвореното писмо до премиерот, градоначалничката оценува дека е крајно неодговорно скопјани да бидат жртви на, како што вели, самоволието на 23 лица чие единствено политичко дејствување е преку деструкција, блокади и политички манипулации.
„Како Влада со големо владејачко мнозинство имате начин и капацитет, а сакам да верувам дека имате и политичка волја, да ги исплатите долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, КХС од 2,5 милиони евра, но и кон ЈП ‘Дрисла’ на кој само Клинички центар му должи еден милион евра, како и долговите кон ЈП ‘Водовод и канализација’ кои се бројат во милионски суми“,
додава Арсовска.
Отвореното писмо што скопската градоначалничка го испрати до премиерот следува откако и на вчерашната седница на Советот на Град Скопје, советниците повторно не ја изгласаа набавката на нови екоавтобуси за Скопје. Дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа, а дел од нив беа воздржани во гласањето.