„Студентите сами ќе одлучат дали сумата да биде помала или поголема. Ако е помала сумата на ваучерот, тогаш ќе бидат опфатени повеќе студенти, а ако е поголема – ќе бидат опфатени помалку студенти. Тоа денеска го разговаравме и во рок од една недела студентите имаат можност писмено да ни ги достават нивните предлози кои ќе бидат прифатени од Министерството за економија“, вели министерот Бектеши

Од јануари идната година студентите ќе добиваат ваучери за домашен туризам кои ќе може да ги користат во земјава во текот на целата година. Оваа дополнителна мерка за подобрување на студентскиот стандард денеска им беше презентирана на претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети кои имаа средба со министрите за економија и за образование и наука, Крешник Бектеши и Јетон Шаќири.
Најпрво, како што најавија министрите, со оваа мерка се очекува да бидат опфатени околу три до четири илјади студенти од државните универзитети, а потоа бројот би се проширил. За износот на ваучерот, рекоа дека ќе се прифати предлогот на самите студенти.
Според министерот Бектеши, целта на новата мерка за студентите, за која се предвидени 64 милиони денари, е да се поттикне и домашниот туризам.
„Предлог на Министерството за економија е сумата на ваучерот да се движи од 300 до 400 евра по студент. Студентите сами ќе одлучат дали сумата да биде помала или поголема. Ако е помала сумата на ваучерот, тогаш ќе бидат опфатени повеќе студенти, а ако е поголема – ќе бидат опфатени помалку студенти. Тоа денеска го разговаравме и во рок од една недела студентите имаат можност писмено да ни ги достават нивните предлози кои ќе бидат прифатени од Министерството за економија. Приоритет на државата се државните универзитети, а одлука на студентите ќе биде дали да бидат опфатени и студенти од приватните универзитети“,
рече Бектеши.
Како што рече, придобивки од ваква мерка имале работниците со ниски приходи и тоа давало одлични резултати, но дека и на студентите треба да им се даде можност да ги посетат туристичките места во државата.
„Ова ќе биде одлична можност да се запознаат со културно наследство и можностите што ги имаме како држава“,
додаде Бектеши.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека со новата мерка ќе се подигне студентскиот стандард, покрај другите мерки од МОН за поддршка на студентите, меѓу кои е и субвенционираниот студентски оброк и повисок износ на стипендиите.
Според Шаќири, секогаш треба да се најде начин како студентите да се мотивираат за подобри резултати.
На состанокот со студентите се разговарало и за нивна поддршка во рамки на мерките за малите и средните претпријатија, за што се предвидени над 80 милиони денари.
„Како што даваме предност на женското претприемништво, каде што управител или сопственик е жена, одлучивме дополнително во сите јавни повици и во сите програми кои ќе ги усвоиме во текот на овој месец и на почеток на наредниот месец, жените претприемачи и студентите да имаат предност во искористување на мерките кои не се мали во вредност. Зборуваме за околу 1,4 милион евра за да основаат компанија или, пак, ако се микро и мали компании да имаат можност со тие средства да ги развиваат своите компании“,
соопшти Бектеши.
Покрај овие нови мерки за поддршка на студентите кои беа соопштени денеска, за над 15 илјади студенти со антикризните мерки е предвиден надомест за превоз доколку студираат надвор од местото на живеење.
Во зависност од пресметаните трошоци за превозот, тие ќе добиваат ваучери за превоз во износ од 600 до 1 200 денари. Надоместокот ќе го добиваат во наредните седум месеци односно до крајот на академската 2023/2024 година.