Мислам дека е помината границата, многу одамна, жалам што досега претходната влада ја толерираше оваа акутна неспособност и веќе размислуваме како Влада да отпочнеме процес, но, ајде еве, да не бидеме осудени од јавноста дека ние сега еве станавме Влада, па преземаме или одземаме ингеренции. Затоа велам – еве, имате разумен рок, ве молиме решете ги работите, вели премиерот Христијан Мицкоски
Иако скопските градоначалници едногласно бараат Владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје во претпријатијата „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ поради еколошкиот градски колапс, премиерот Христијан Мицкоски сака да ѝ даде, како што вели, разумен рок на градоначалничката Данела Арсовска за да почне да си ја работи работата.
„Дадовме разумен рок Градот да се зафати со решавање на проблемите. Доколку тоа не се случи во разумен рок, ние мора да преземеме дејство. Не можеме како Влада да бидеме неми како Градот се гуши во ѓубре, како имаме расипани автобуси на секој чекор, како 17 пати се менуваат директори по јавни претпријатија итн., ние мораме да преземеме нешто, бидејќи тие граѓани нас ни ја дале довербата и ние мора тоа да го оправдаме. Затоа очекувам во разумен рок Градот да почне да си ја работи работата, ова нема никаква врска со политичките недоразбирања со градоначалничката Данела Арсовска, коишто, еве, после толку време, јавноста може да види дека сите наши тврдења за коишто сме зборувале се вистинити“,
кажа Мицкоски.
Мицкоски вели дека во Градот Скопје одамна е помината границата.
„Многу одамна, жалам што досега претходната Влада ја толерираше оваа акутна неспособност и веќе размислуваме како Влада да отпочнеме процес, но, ајде еве, да не бидеме осудени од јавноста дека ние сега еве станавме Влада, па преземаме или одземаме ингеренции. Затоа велам – еве, имате разумен рок, ве молиме решете ги работите“,
кажа премиерот.
Вчера скопските градоначалници на прес-конференција едногласно побараа Владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, да назначи владин повереник и да почне трансформација на претпријатијата со која надлежностите би се поделиле по скопските општини.
Причината за ова, како што кажаа, е алармантната состојба со хигиената во Скопје. Тие очекуваат нивното барање итно да се најде на наредната владина седница.
Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ доцна се сетило на катастрофата што му се случува на Скопје, за која вината ја гледаат токму во владејачката партија.
„ВМРО-ДПМНЕ намерно не ги гласаа програмите, само за да прават штета и да се пресметаат со Арсовска. Заедно со неспособноста на Арсовска, ДПМНЕ го турна нашиот главен град во пропаст. После целиот хаос што го создаде во Скопје, вчера слушаме дека на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им текнало на Скопје. Па уште се обидуваат да се прикажат како спасители кои ете ќе ги решеле проблемите во градот. Доцна е дечки. Доцните 1 000 дена. На 400 дена пред локалните избори ова не е ништо друго туку обид за перење на сопствената вина за она што душмански му го направија на Скопје“,
кажа на денешната прес-конференција, Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ.
Темата со одземање на ингеренциите доаѓа во услови на речиси никаква координација и меѓу раководството и Советот на Град Скопје.
Градоначалничката Данела Арсовска обвинува дека Советот на Градот под контрола на Мицкоски е виновен за комуналниот хаос, оти намерно не ја гласаат нејзината програма за јавна чистота, со што е оневозможена да ги ангажира дополнителните 100 работници, кои претходно 20 години го чистеле градот.
ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача дека сета одговорност и надлежност е во нејзини раце и дека наместо да бара виновници треба да се фати за работа.