Градот Скопје бара од Мицкоски да ги вразуми советниците од неговата партија кои три години свесно ја кочат работата на јавните претпријатија
Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска утринава на Фејсбук изнесе низа обвинувања во однос на тоа кој е креатор на хаосот во кој моментално се наоѓа градот – од нечистотата до немањето квалитетен и редовен јавен превоз. Во соопштението се вели дека директен виновник за ситуацијата е Советот на Градот, кој е под контрола на Христијан Мицкоски, кој, пак, намерно не ја гласа програмата за јавна чистота на „Комунална хигиена“, со што намерно ја нарушува јавната чистота. Велат, се работи за 100 луѓе кои во период од дваесет години редовно го чистат градот, освен оваа година.
„Советниците под контрола на Мицкоски за оваа своја партиска послушност за секоја седница добиваат по 500 евра. Единствен губитник во оваа политичка игра на акумулирање на моќ се граѓаните на Скопје. Целата операција на Мицкоски всушност е покривање на изневерените политички и национални ветувања, кои бее дел од фолклорот на митинзите и по штабовите, како и на сите негови прес-конференции“,
велат од Град Скопје.
Оттаму ги поздравуваат најавите на премиерот и го охрабруваат во најбрз можен рок да преземе одговорност за нарушените состојби во главниот град за кој велат дека тој ги креирал. Бараат од Мицкоски да ги вразуми советниците од неговата партија кои три години свесно ја кочат работата на јавните претпријатија.
„Апелираме Мицкоски да ги убеди советниците да гласаат за набавка на нови еколошки автобуси, проект кој заедно со градоначалничката Арсовска го ветуваше на скопјани. Апелираме советниците навремено да ги гласаат програмите за работа на јавните претпријатија со цел да не се кочи нивната ефикасност, апелираме Мицкоски да преземе одговорност и за свесното блокирање на претпријатијата“,
се вели во соопштението.
Од кабинетот на Арсовска потенцираат дека одговорност треба да се преземе и за членовите на управните и надзорните одбори во претпријатијата на Градот Скопје каде што владејачката ВМРО-ДПМНЕ е застапена со над 90% од членовите на одборите.
„Сите управни одбори без исклучок се со мнозинство членови на ВМРО-ДПМНЕ и се чини имаат единствена задача – влошување на состојбите и блокирање на услугите. Го охрабруваме Мицкоски да ги охрабри овие луѓе да ги одобрат плановите за вработување, плановите за набавки на нови контејнери, машини, дрвја, зеленило, автобуси и резервни делови. Апелираме да се стави крај на политичкиот терор, и сега како одговорна владејачка партија, Мицкоски да преземе одговорност за состојбите во главниот град за кои најзаслужни се советниците и членовите на управните и надзорните одбори на градските јавни претпријатија“,
заклучуваат оттаму.
Во изјава за медиумите Мицкоски вчера порача оти институциите кои се под надлежност на Град Скопје мора да ја вршат работата за која се платени и да работат во интерес на граѓаните во главниот град. Доколку за една недела нема напредок, премиерот најави оти Владата ќе ги разгледа можностите за одземање на нивните ингеренции и за решавање на проблемите, како оние со јавниот градски превоз и хигиената во градот.
„Ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзан со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму во она што е обврска на народна влада, а тоа е да дејствува во името на повиците кои што ги добиваме на дневна основа од скопјани“,
рече Мицкоски.
Денеска, пак, на иницијатива на претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ќе се одржи координација на градоначалниците на скопските општини. Темата на координативниот состанок, според најавите, ќе бидат актуелните состојби во Скопје.