Во Скопје, во 21 век, на секој чекор се појавува дива депонија. Во Скопје е срамота да дојде турист, вели градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски
Немаме комуникација ниту поединечно како колеги, градоначалничката нè блокирала на телефон, но немаме ниту службена комуникација, не знаеме како да функционираме, кажа првиот човек на Чаир, Висар Ганиу
Потребата овие две претпријатија да се поделат меѓу општините е долги години наназад, рече градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски
Скопските градоначалници едногласно бараат Владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, да назначи владин повереник и да почне трансформација на претпријатијата со која надлежностите би се поделиле по скопските општини.
Причината за ова, велат, е алармантната состојба со хигиената во Скопје. Најавуваат дека уште денеска ќе испратат писмен допис до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот за животна средина Изет Меџити и очекуваат нивното барање итно да се најде на наредната владина седница.
„Одговорно тврдиме како градоначалници со дополнително зголемување на надлежностите за овие две претпријатија ќе дадеме барем за двојно поголема работа од ова сега. Во моментов, на 50 степени, нема општина во Скопје каде што контејнерите не се преполни со ѓубре, нема паркови кои не се обраснати со трева, нема населени места по руралните средини каде кантите не стојат по неколку денови итн. Затоа сметавме дека најалармантна е состојбата со овие две претпријатија и затоа едногласно бараме одземање на ингеренциите и започнување процес на расформирање на овие две претпријатија и предавање на обврските на секоја општина. Во Скопје, во 21 век, на секој чекор се појавува дива депонија. Во Скопје е срамота турист да дојде“,
кажа Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС.
На лоша хигиена се пожали и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу. Тој кажа дека не можат ниту да исконтактираат со градоначалничката Данела Арсовска.
„Ова е проблем на секоја општина и да не се навраќам хронолошки да ги набројувам недостатоците во услугите на овие претпријатија, но тие се големи. Ние можеби повеќе од две години немаме координација со Град Скопје, а двапати месечно било задолжително тоа. Две години со постоечката градоначалничка немаме комуникација ниту поединечно како колеги, нè блокирала на телефон, но немаме ниту службена комуникација, не знаеме како да функционираме“,
рече Ганиу.
Темата за расформирање на претпријатијата е дискутирана одамна, посочи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Но, тој е на став дека ако не се зголемат цените на услугите, проблемот нема да се реши.
„Не би сакал да се сфати дека потребата од поделба на овие две јавни градски претпријатија е само како резултат на тоа што е градоначалник госпоѓата Арсовска. Потребата овие две претпријатија да се поделат меѓу општините е долги години наназад… Но, нема да ги решиме проблемите ако не го донесеме Законот за комунална инспекција, комуналните инспектори мора да добијат овластувања да легитимираат, казнуваат, да приведуваат, да побараат притвор и физички да неутрализираат. И уште една работа, ако останеме со овие цени за сервисирање на услугите, ние само проблемот ќе го префрлиме од едно место на друго. И цените мора да се расформираат“,
смета Јакимовски.
Градоначалниците се на став дека во иднина би можело да се дискутира и за расформирање на останатите претпријатија оти, на пример, граѓаните се жалат и на услугите на ЈСП, но, во моментов, ценат дека приоритет се „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.
Темата со одземање на ингеренциите доаѓа во услови на речиси никаква координација и меѓу раководството и Советот на Град Скопје.
Градоначалничката Данела Арсовска обвинува дека Советот на Градот под контрола на Мицкоски е виновен за комуналниот хаос, оти намерно не ја гласаат нејзината програма за јавна чистота, со што е оневозможена да ги ангажира дополнителните 100 работници, кои претходно 20 години го чистеле градот.
ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача дека сета одговорност и надлежност е во нејзини раце и дека наместо да бара виновници треба да се фати за работа.