Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција повлече две од вкупно деветте барања за притвор на осомничените лица во случајот со продажбата на државни парцели.
„Откако осомничените дадоа искази пред судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот обвинител кој постапува во предметот за две од осомничените лица го повлече предлогот за определување на мерката притвор и му предложи на судот за овие лица да бидат определени мерки на претпазливост и тоа: одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиште, повремено јавување на службено лице во судот и забрана за вршење дејности на работното место кои се поврзани со предметното кривично дело“,
известија доцна попладнево од Обвинителството
Обвинителството сепак не открива кои се двете осомничени лица за кои го замениле барањето со притвор со барање за полесни мерки за обезбедување присуство. Таква информација засега нема ниту од Основниот суд. Единствената информација од службата за односи со јавноста на скопска единица засега е дека судот се уште не донел решенија по барањата на Обвинителството. Тоа значи дека или се уште трае распитот на некои од осомничените или пак се изготвуваат решенијата.
Целиот случај доби на јавност утрово, кога Обвинителството потврди дека привеле вкупно 10 лица во врска со истрага за злоупотреби при продажба на државно земјиште кои почнале во 2011 година. Се товарат дека со дејствијата сториле штета на државата од околу два и пол милиони евра. Иако надлежната обвинителката Трајчева одби да говори за имиња, во јавноста веќе е познато дека меѓу осомничените се екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, членот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и бизнис-партнер на Христијан Мицковски, Димитар Димовски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митревски, бизнисменот и поранешен директор на Дирекцијата за нафтени резерви Мане Јованов. Таа посочи дека од Судот е побарано да го замрзне неосновано стекнатиот имот и парцелите кои се предмет на истрага.
Мицкоски: Нарачан атак на инструираното обвинителство
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ застана во одбрана на дел од осомничените. Претседателот на партијата ја нарече истрагата удар на деспотот.
„Заедничко за Димо и Деки е што се од мали нозе во ВМРО-ДПМНЕ. Иако во различно време, практично секој во својата генерација израснаа во партијата. Денес деспотот удри и по нив, рано изутринава инструираното обвинителство спроведе уште уште еден нарачан атак. Поводот секако детално образложен, иако со многу дупки, нејаснотии и нелогичности, ама вистинската причина ја знаат и малите деца“,
напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски