Во соопштението од Обвинителството се вели дека се испитуваат мотивите за извршување на делото и додаваат дека е исклучено оти повод била меѓуетничка нетрпеливост

Против 35-годишник кумановското Јавно обвинителство поведе постапка затоа што постои основано сомнение дека осомничениот ги запалил трите возила и фотокопирницата во Куманово во понеделникот.
Според Обвинителството, осомничениот на 2 декември, во раните утрински часови откако претходно во пластични шишиња набавил бензин од бензинска пумпа во Куманово, намерно предизвикал пожари на неколку локации во Куманово, каде запалил три патнички моторни возила и еден објект – фотокопирница која се наоѓа во состав на станбена зграда.
Осомничениот, додаваат од Обвинителството, со палењето на возилата и објектот извршил повеќе поврзани дејствија што преставуваат повеќекратно остварување на исто дело и со пожар предизвикал значителна опасност за животот на луѓето и за имотот, при што настапила поголема имотна штета.
Во соопштението од Обвинителството се вели дека се испитуваат мотивите за извршување на делото и додаваат дека е исклучено оти повод била меѓуетничка нетрпеливост.
Исто така, додаваат дека од доказите што ги имаат до овој момент не се укажува на инволвираност и на други лица.
До судија на претходна постапка од кумановскиот суд јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.
Денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) кажаа дека синоќа во 1:10 часот во Скопје, на подрачјето на Бит-пазар е приведен 35-годишен кумановец, а во врска со случајот од пред три дена, кога беа опожарени три возила и дуќан во Куманово.
Од МВР рекоа дека лицето е задржано во Полициската станица Куманово и оти по расчистување на случајот, полицијата ќе поднесе соодветна пријава против него.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека зад овој случај најверојатно стои добро организирана група.
Едно од трите возила што беа запалени во понеделникот во Куманово е на јавниот обвинител Џелал Бајрами, а според информации на „360 степени“ другото возило е на близок роднина на пратеник и функционер на ДУИ. Опожарениот дуќан, односно фотокопирница, е на советникот во Советот на Општина Куманово од редовите на ДУИ, Фитор Јакупи.