Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двајца браќа за загрозување на сигурноста на градоначалникот на Арачиново.
„Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на службеното лице – градоначалник на општина Арачиново, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер-пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело“,
соопшти денеска Јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во седиштето на општина Арачиново, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот градоначалник.
Во мај 2023 година, градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибрахими, пријавил дека добивал закани по живот. Министерството за внатрешни работи тогаш информира дека полициски службеници привеле 69-годишен арачиновец Р. А., откако градоначалникот Ибрахими во СВР Скопје пријавил дека додека тој не бил присутен во општинската зграда, приведениот пред други присутни лица упатувал закани по неговиот живот.
Ибрахими и во септември 2022 година во полицијата пријавил дека бил цел на физички напад.
Според тогашното соопштение на МВР, на 13 септември 2022 година во 09:46 часот градоначалникот на Арачиново пријавил дека бил физички нападнат од неколку лица.
Како што објавија тогаш дел од медиумите на албански јазик во земјава, Ибрахими тврдеше дека напаѓачите ги предводел член на семејството на поранешниот градоначалник на Арачиново, Брахим Ајвази.