Донесувањето на одлуката во однос на барањето на обвинителот Мартин Митревски, како што може да се види, е седма, претпоследна точка на дневниот ред што за утрешната седница го предлага претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска
Јавното обвинителство на 7 декември соопшти дека Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавен обвинител до Советот на јавни обвинители ќе поднесе предлог за разрешување на обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје поради тешка дисциплинска повреда, односно затоа што „без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови“. Во соопштението не беше наведено името на јавниот обвинител чие разрешување се бара, но, како што објавивме неофицијално, станува збор токму за Мартин Митревски
Советот на јавни обвинители утре на седница треба да донесе одлука за престанок на функцијата на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Мартин Митревски.

Одлуката не треба да биде донесена по предлогот за негово разрешување, кој до Советот неодамна најави дека ќе го поднесе Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност, туку по негово сопствено барање.
Ова може да се дознае од соопштението за предложениот дневен ред на утрешната 91. седница, објавен на официјалната интернет-страница на Советот на јавни обвинители.
Донесувањето на одлуката во однос на барањето на обвинителот Митревски, како што може да се види, е седма, претпоследна точка на дневниот ред што го предлага претседателката на Советот, Душица Димитриеска.
„Донесување одлука за престанок на функција јавен обвинител по сопствено барање од јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, Мартин Митревски“,
гласи седмата точка од предложениот дневен ред на седницата на Советот на јавни обвинители закажана за утре.
Инаку, неодамна (7 декември 2023 г.) Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопшти дека Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност до Советот на јавни обвинители ќе поднесе предлог за разрешување обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.
Во соопштението не беше наведено името на јавниот обвинител чие разрешување се бара, но, како што објавивме неофицијално, станува збор за Мартин Митревски. Информацијата не беше демантирана од Јавното обвинителство.
„По спроведена дисциплинска постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и разгледување на извештајот на обвинителот известител, Комисијата донесе решение со кое утврди дека обвинителот е одговорен за сторена тешка дисциплинска повреда од членот 91 алинеја 8 од Законот за јавно обвинителство“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство од 7 декември 2023 година.
Членот 91 во кој се санкционирани тешките дисциплински повреди вели дека за ваква повреда се смета ако обвинител:
„…без оправдани причини не постапува во предметите во пропишаните законски рокови и поради што значително се одолговлекува постапката или настапила застареност на кривичното гонење“.
Ова, врз основа на изведени докази, го утврдила Комисијата за дисциплинска постапка.
„Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови, со што значително била одолговлечена постапката во предметите. Со оглед на тоа и другите околности, одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на јавниот обвинител“,
беше наведено во соопштението.

Митревски, според пишувањата на неделникот „Фокус“ од јули 2009 година, истата година е избран за јавен обвинител во ОЈО Скопје од редовите на кандидатите кои ја завршиле Академијата на судии и јавни обвинители. Тој, како што може да се прочита од новинарскиот напис, е од истата генерација избрани јавни обвинители со актуелниот шеф на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.
Во написот се посочува и на семејното стебло на Митревски, кој, како што пишува неделникот, е син на професорката на Правниот факултет во Скопје, Данче Манолева-Митревска.
Како поголем случај кој го водел Митревски е големиот пожар во кој во 2013 г. целосно изгоре култната шалтер-сала на Поштата во Скопје.
Зошто јавниот обвинител Митревски се одлучил на ваков чекор – на сопствено барање да му биде прекината функцијата, засега може само да се нагаѓа. Но, индикативно е што тој доаѓа истовремено додека против него е во тек дисциплинска постапка.
Упатени извори за „360 степени“ велат дека не е непознато лица од правосудството за кои се води ваква постапка самоиницијативно да бараат да им биде прекината функцијата, пред да се соочат со разрешување. Причините се од кариерна природа, а се поврзани со новиот Законот за адвокатура.
Имано во Законот во членот 12, каде се уредени општите услови за вршење на адвокатска дејност, во алинеја 9 стои:
„…да не му престанала функцијата судија, јавен обвинител, државен правобранител или заменик, народен правобранител или заменик, избран или именуван функционер, односно да не му престанал работниот однос како државен службеник, нотар, заменик или помошник нотар, извршител или заменик извршител, со конечна одлука во судска, дисциплинска или друга постапка со која е утврдена одговорност во вршење на функцијата односно службата додека не поминат пет години од конечноста на одлуката“.
Од Советот на јавни обвинители не сакаат да коментираат ништо во пресрет на утрешната седница.
