„Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови, со што значително била одолговлечена постапката во предметите. Со оглед на тоа и на другите околности, одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на јавниот обвинител“, соопштија денеска од Јавното обвинителство
Јавното обвинителство понело предлог до Советот на јавните обвинители за разрешување на обвинител од скопското Основно јавно обвинителство, поради тешка дисциплинска повреда.

Решението со кое е утврдена одговорноста на обвинителот го донела Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
„По спроведена дисциплинска постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и разгледување на извештајот на обвинителот известител, Комисијата донесе решение со кое утврди дека обвинителот е одговорен за сторена тешка дисциплинска повреда од членот 91 алинеја 8 од Законот за јавно обвинителство“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Членот 91 во кој се санкционирани тешките дисциплински повреди во алинејата вели дека за ваква повреда се смета ако обвинител:
„без оправдани причини не постапува во предметите во пропишаните законски рокови и поради што значително се одолговлекува постапката или настапила застареност на кривичното гонење“.
Ова врз основа на изведените докази го утврдила Комисијата за дисциплинска постапка.
„Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови, со што значително била одолговлечена постапката во предметите. Со оглед на тоа и другите околности, одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на јавниот обвинител“,
се наведува во соопштението.

Инаку, од Јавното обвинителство не го наведуваат името на јавниот обвинител чие разрешување се бара.
Неофицијално дознаваме дека станува збор за јавниот обвинител Мартин Митревски.
Според пишувањата на неделникот „Фокус“ од јули 2009 година, Митревски истата година е избран за јавен обвинител во ОЈО Скопје од редовите на кандидатите кои ја завршиле Академијата на судии и јавни обвинители. Тој, како што може да се прочита од новинарскиот напис, е од истата генерација избрани јавни обвинители со актуелниот шеф на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.
Се посочува и на семејното стебло на Митревски, кој, како што пишува неделникот, е син на професорката на Правниот факултет во Скопје, Данче Манолева-Митревска.
Како поголем случај кој го водел Митревски е големиот пожар во кој во 2013 целосно изгоре култната шалтер-сала на „Поштата“ во Скопје.
Инаку, неодамна, односно на 23 ноември, Советот на јавни обвинители од функцијата јавен обвинител ја разреши поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Рускоска.
Русковска беше разрешена откако против неа и уште две нејзини колешки Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност поведе постапка поради претресот во Управата за финансиска полиција пред речиси една и пол година.