„Доколку користите уред за климатизација, избегнувајте прекумерно разладување на просторијата и нагли температурни промени. Избегнувајте користење шпорет, рерна и други уреди што дополнително го загреваат домот во периодот од 13 до 17 часот“, велат од ИЈЗ

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препораки за заштита од високите температури што веќе две недели ја зафатија земјава.
Посебен апел е упатен до лицата над 65 години, кои се сметаат за една од ризичните категории. Од ИЈЗ велат дека повозрасните лица почесто имаат хронични заболувања и користат редовна терапија, а одредени лекови може да влијаат врз нормалните реакции на организмот на топлина.
Се препорачува да се носи лесна, светла и широка облека, очила за сонце и капа или шапка со широк обод, а во периодот од 11 до 17 часот да се избегнува престој или работа на отворено.
Потребно е да се внесуваат доволно течности, да се ограничи внесот на пијалаци што содржат кофеин, а да се избегнуваат алкохолни пијалаци.
Повозрасните лица треба да одржуваат пријатна температура во домот и да избегнуваат негово дополнително загревање. Домот треба да се заштити со ролетни, завеси или други начини за сопирање директна сончева светлина, а просториите да се проветруваат кога надворешната температура е пониска. Престојот во домот треба да биде во најладниот дел или во климатизирана просторија.
„Доколку користите уред за климатизација, избегнувајте прекумерно разладување на просторијата и нагли температурни промени. Избегнувајте користење шпорет, рерна и други уреди што дополнително го загреваат домот во периодот од 13 до 17 часот“,
се вели во препораките од ИЈЗ.
Доколку повозрасните лица имаат хронично заболување, треба да ги почитуваат препораките и редовно да ја земаат пропишаната терапија.
„Одржувајте редовен контакт со членовите на семејството, пријателите и соседите. Доколку живеете сами, особено е важно во периоди на високи температури да одржувате редовна комуникација со блиските лица, со цел навремено препознавање на евентуални промени во здравствената состојба и обезбедување помош доколку е потребно“,
додаваат од ИЈЗ во препораките до повозрасните лица за заштита од високите температури.
Инаку, метеоролозите најавуваат дека и во наредните денови ќе има многу топло време и оти дневната температура ќе биде до 40 степени, а тие ќе се задржат и во текот на ноќните часови. За в четврток и петок се најавува нестабилност со пороен дожд и појава на грмежи.
