„На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација, каде знамето од повеќекрако сонце се претопува во македонското знаме со осум краци. Талогот на општеството од СДС, партијата којашто два пати го менуваше знамето, еднаш името, еднаш банкнотите, Уставот, е последна која може да говори за понижување на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговори на реакцијата на опозицискиот СДСМ за знамето со 12 краци на манифестацијата за независноста на државата велејќи дека се работело за уметничка инсталација.
„На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација, каде знамето од повеќекрако сонце се претопува во македонското знаме со осум краци. Талогот на општеството од СДС, партијата којашто два пати го менуваше знамето, еднаш името, еднаш банкнотите, Уставот, е последна која може да говори за понижување на државата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ нема кредибилитет да зборува за понижување.
„Партијата чии лидери ја бришат историјата за станови во Дубаи, фирми во Бугарија, јахти во Грција, нема кредибилитет да говори за понижување. Партијата која го избриша АСНОМ од Уставот, која вели дека Македонија постои од 1944 година, која вели дека сме биле Бугари пред тоа, е лицемерно да зборува за понижување“,
велат од партијата.
Потенцираат дека настанот „Силно светнал ден“ по повод 35 години независност бил поздравен од сите граѓани и ја обединил државата.
„Само Филипче и тие неколкумина околу него пробуваат да го оцрнат проектот. Нам тоа ни е јасно, затоа што тие се политички глодари и лешинари кои не сакаат Македонија да оди напред. Години и години ќе ни требаат да ја поправиме штетата што вие, талогот на општеството, со децении ѝ ја правите на Македонија“,
соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, СДСМ објави фотографија од музичко-сценскиот настан што синоќа се одржа на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид и обвини дека, како што велат, власта го згрешила македонското знаме.
Од СДСМ повикаа да се каже која компанија била ангажирана за настанот, кој бил одговорен за сценографијата и побараа одговорност за, како што велат, понижувањето на државниот симбол.
