За повеќето од овие обвинети судскиот процес пред првостепениот суд ќе заврши со изрекување пресуда на наредното рочиште откако денеска и тие ќе дадат завршни зборови
Откако осум од обвинетите во обемниот судски процес „Титаник“ признаа вина, обвинителката Лиле Стефанова побара условни казни за шестмина од обвинетите, меѓу кои Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер и Билјана Бришковска-Бошковски, а ублажување на предвидените казни за Миле Јанакиески и Коста Митровски.
„Како јавен обвинител исклучително го ценам чинот кои овие лица го презедоа и дадоа признание за кривичните дека што им се ставаат на товар. Признанието само по себе е една голема олеснителна околност и сметам дека судот кога ќе ја утврдува казната да го цени признанието како олеснителна околност. Секој од присутните обвините има и свои и олеснителни и отежнителни околности кои судот треба да ги цени кога ќе ја носи пресудата“,
рече Лиле Стефанова.
Потоа, обвинителката за секој од нив поединечно ги наведе олеснителните и отежнителните околности.
„За Мартин Протуѓер како олеснителна околност, покрај даденото признание на вина, судот да ја има и околност што е семеен човек, татко на три деца, од кои едното се роди во текот на траењето на оваа постапка, како и тоа дека е невработен, дека има медицинска документација со која покажува влошена здравствена состојба, како за него така и за членови на потесното семејство. Како олеснителна околност да го има и фактот што во текот на целата оваа постапка беше присутен, имаше коректно однесување и даде признание на вина во момент кога првпат за тоа се створија услови после 4 годишно траење на постапката. Олеснителна околност е и тоа што не е осудуван и не се води постапка за друго кривично дело. Има и отежнителни околности, а тоа е начинот на кој се преземени дејствијата на изведување, долготрајноста на дејствијата преземени во рамки на групата“,
рече обвинителката.
Слични олеснителни околности таа наведе и за Јанакиески и Јанкулоска, а како отежнителни ги спомена тоа што дејствијата ги извршувале додека биле министри.
„Билјана Бришковска-Бошковски денес даде исклучително впечатлива изјава од која јас како јавен обвинител, а верувам и судот ќе се убеди дека кај ова обвинето лице е постигната целта на специјалната превенција. Сметам дека има значителен придонес нејзиното признание во забрзувањето и завршувањето на постапката и покрај другите олеснителни околности како здравствена состојба и други лични прилики за ова обвинето лице судот да ги примени одредби од членот 41 и 50 и 51 од К“,
рече Стефанова за поранешната заменик-министерка за правда.
Примена на законските одредби за ублажување и условување на казната обвинителката побара и за другите обвинети кои признаа вина: Катерина Веловска, Киро Тодоровски, Мунир Пепиќ и Коста Митровски.
Покрај обвинителката Стефанова, денеска заврши зборови ќе дадат и адвокатите и обвинетите кои денеска признаа вина, по што Основниот кривичен суд ќе закаже датум за изрекување пресуда за делата за кои се произнесоа за виновни.
Предметот „Титаник“ своевремено го отвори СЈО, а по згаснувањето премина во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Случајот се однесува на активности и кривични дела поврзани со изборни нерегуларности во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Од лицата кои признаа вина, Јанкулоска со обвинението се гонеше за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, злоупотреба на службената положба и овластување и за повреда на слободата на определување на избирачите.
Пруѓер за злосторничко здружување и повреда на слободата на определување на избирачите, како и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања (дело за кое не призна вина).
На Јанакиески, пак, на товар му се ставаат злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и повреда на слободата на определување на избирачите, како и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања (дело за кое не призна вина).
Бришковска-Бошковски се гони само за фалсификување исправа и злосторничко здружување. Останатите обвинети кои признаа се Катерина Веловска, Киро Тодоровски, Мунир Пепиќ кои се обвинети за повреда на слободата на определување на избирачите, а осмиот обвинет кој денеска излезе со признание е Коста Митровски за делото уништување на изборен материјал.
Бришковска-Бошковски, Веловска, Тодоровски и Пепиќ се гонеа и за злосторничко здружување, но за нив ова дело застаре.
Во „Титаник“ обвинети се вкупно 21 лице. По денешното признание судскиот процес ќе продолжи за 13 од нив кои се изјаснија за невини, како и за Јанакиески и Протуѓер, но за нив само за делото злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања со оглед дека за него денеска не признаа вина.
Првообвинет е избеганиот експремиер Никола Груевски кој се гони за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право. Меѓу обвинетите за кои продолжува судскиот процес се и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, и експратеникот Илија Димовски.