Првиот вицепремиер и министер за европски прашања од редовите на Влен информира дека по одлуката на Уставниот суд, со која беше укината одлуката од 2007 година за преименувањето на дел од улиците и плоштадот во градот, Општина Тетово почнува нова процедура за менување на имињата на улиците, согласно актуелните законски прописи
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали го оцени за политички мотивиран протестниот марш во Тетово од пред два дена, на кој приврзаници на опозициската ДУИ протестираа за одлуката на Уставниот суд со која се укина преименувањето на дел од улиците и плоштадот во градот – одлука што во 2007 година ја донесоа тогашните општински власти.

Одлуката за менување на имињата на улиците во Тетово во 2007 година, вели Сали, е донесена само од страна на советниците во Советот на Тетово, а не и со одобрение од Владата, како што предвидува Законот.
„Во тоа време листата не е одобрена од Владата и така, на ноншалантен начин, ги менувале имињата на улиците, меѓутоа де факто и де јуре процедурата не била испочитувана. Сè што тие импровизирале во нивниот период на владеење, денес е дел од проблемите со кои се соочуваме и кои ние ги решаваме еден по еден – правосудниот испит, имињата на улиците во Тетово. Тоа покажува дека пристапот на владеењето на ДУИ во локалната и централната власт било импровизација и политички договор, а не биле одлуки донесени врз основа на закон“,
изјави Сали, обвинувајќи ја претходната власт за несериозно однесување кон институциите со кои управувала.
Првиот вицепремиер и министер информира дека Тетово има отпочнато нова процедура за менување на имињата на улиците, согласно актуелните законски прописи.
Приврзаници на опозициската ДУИ во петокот излегоа на протестен марш во Тетово против одлуката на Уставниот суд со која се укина преименувањето на дел од улиците и плоштадот во градот од 2007 година.
Одлуката донесена во 2007 година, кога градоначалник на Општина Тетово беше Хазби Лика од ДУИ, Уставниот суд ја укина со образложение дека тогашното раководство на локалната самоуправа не го испочитувало законскиот услов според кој согласност за таквото преименување на улици и објекти треба да даде и Владата.
