„Судот, со мнозинство гласови, одлучи да ја укине Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 25/2007 од 26.04.2007 година)“, изјавиле од Судот за дел од медиумите
Според ДУИ, враќањето на името „Маршал Тито“ на централниот плоштад во Тетово е само најновиот знак на една реалност што секој ден станува сè поочигледна, а тоа, велат од партијата, е дека државните институции се користат за бришење на трагите од еднаквоста која е стекнувана со децении политички напори
Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови ја укина одлуката со која во 2007 година, во Тетово, беше извршено преименување на повеќе улици и на централниот градски плоштад од „Маршал Тито“ во „Илирија“.

Судиите на Уставниот суд на почетокот на март годинава ја прифатија иницијативата поднесена од Општинската организација на сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово и поведе постапка за одлуката на Советот на Општина Тетово со која пред речиси 20 години беа преименувани улици и централниот градски плоштад, а на денешната седница донесе конечлна одлука.
„Судот, со мнозинство гласови, одлучи да ја укине Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 25/2007 од 26.04.2007 година)“,
изјавиле од Судот за весникот „Вечер“.
На одлуката на Уставен, попладнево остро реагираа од Демократската унија за интеграција (ДУИ), оценувајќи дека таа покажува дека, како што велат од опозициската партија, кампањата за демонтирање на политичките достигнувања на Албанците влегува во нова фаза.
Според ДУИ, враќањето на името „Маршал Тито“ на централниот плоштад во Тетово е само најновиот знак на една реалност што секој ден станува сè поочигледна, а тоа, велат од партијата, е дека државните институции се користат за бришење на трагите од еднаквоста која е стекнувана со децении политички напори.
„Во овој процес нема место за изненадување. Кога албанската застапеност се сведува на владин декор, одлуките почнуваат да ги носат други. Кога недостига храброст за одбрана на националните интереси, загубите стануваат неизбежни. Кога власта станува поважна од застапеноста, последиците ги плаќаат граѓаните“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Оттаму наведуваат дека одговорноста за ваквите случувања, не запира само кај Уставниот суд, туку таа е и ка оние кои, според партијата, секојдневно ја легитимираат оваа реалност со своето молчење, сервилност и политичка неспособност.
Интегративиците ги повикуваат сите Албанци да го отфрлат, како што велат, нормализирањето на овој политички курс, наведувајќи дека политичката асимилација не започнува со една единствена одлука, туку, таа започнува кога „еден народ ќе се навикне да ги прифаќа загубите како нешто вообичаено“.
„ДУИ нема да го прифати тоа“,
порачуваат од партијата.

Уставниот суд на 3 март поведе постапка по иницијативата, наведувајќи дека во одлуката на Општина Тетово не бил почитуван законскиот услов според кој согласност за таквото преименување на улици и објекти треба да даде и Владата.
Освен градскиот плоштад во Тетово, во 2007 година беа преименувани и улиците „Иво Рибар Лола“, „29 Ноември“, „Радован Цониќ“, „ЈНА“ и повеќе други, кои добија имиња на дејци и просветители од албанската историја и култура.
Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи-Тетово денеска изрази задоволство од одлуката на уставните судии и повтори дека во 2007 година незаконски биле сменети имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција, со што не се почитувал Уставот и асномскиот антифашистички темел на државата.
„На денешната седница Уставниот суд донесе одлука да ја прифати Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр.07-766 од 24.04.2007 година, која ја поднесовме со Сојузот на борците од НОБ Тетово на 11.02.2025 година и ја укина незаконската одлука. Во сега далечната 2007 година со гласовите на советниците од сите претставени политички партии, кршејќи го законот, Советот ги замени имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција, рефлектирајќи непочитување кон Уставот и кон асномскиот антифашистички темел на државата“,
напиша на Фејсбук, Даријан Сотировски, еден од подносителите на иницијативата до Уставниот суд.
