Обвинител дал нови насоки за да се расчисти случајот со мајката (78) и синот (52) во Велес кои на 6 април беа пронајдени починати во нивниот стан, соопшти денеска портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски, јави дописничката на МИА.
Кај мајката посмртно беше утврдено дека била заразена од ковид-19, а дополнителните насоки за постапување на велешката полиција доаѓаат откако досега имаше различни информации кога тие починале. Дали во јануари или три-пет недели пред да бидат пронајдени на 6 април односно во првата половина на март.
„Известени сме дека смртта кај лицата настапила пред три до пет недели од моментот кога се пронајдени. Имаме и известување од ’Електродистрибуција‘ Велес дека, на броило од нивниот стан последен пат е регистрирана потрошувачка на електрична енергија во месец јануари. Од обвинителот се добиени нови насоки за оперативни дејствија за расветлување на случајот и припадниците на Министерството за внатрешни работи постапуваат по нив“,
изјави Додевски, пренесува МИА.
Мајката и синот беа пронајдени мртви откако на 6 април сосетка од соседниот стан пријавила дека се шири непријатна миризба, по што полицајци влегоа во станот и ги пронајдоа телата. Тогаш, лекарот не утврди траги на насилство, а телата беа предадени на обдукција во Институтот за судска медицина. Екипа од судска медицина вршена и дополнителен увид во станот.
Информациите кои соседите ги дале на полицијата, пак, се дека мајката и синот последен пат биле видени во првата половина на јануари.
За овој случај првично се појавија информации дека тие починале во јануари, потоа министерот за здравство Венко Филипче, повикувајќи се на извештаите од обдукцијата, изјави дека тие се починати во март.
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, пак, синоќа во емисијата „Отворено“ на 24 ТВ, изјави дека истрагата на МВР посочува оти смртта настапила крајот на јануари или евентуално на почеток на февруари. Во таа насока тој ги спомена изјавите на соседите, податоците за струјомерот, водомерот, телефонските повици кои укажуваат дека мајката и синот немале контакт со никого од половината на јануари, како и тоа дека полицајците кои ја вршеле предистрагата посочиле оти телата биле во распаѓање како за два месеца.