Обвинетите – директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице, по прозивката на судијата, истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат
Во Основниот суд во Тетово денеска почна судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово што се случи на 8 септември минатата година, а во кој животите ги загубија 14 лица, а десетина беа повредени.
Рочиштето траеше околу два часа, по што беше презакажано за 27 декември.
Обвинетите, директорите на тетовската болница Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице по прозивката на судијата, истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина за кривичните дела кои им товарат.
До прекин на денешното рочиште, како што јави МИА, дојде поради несогласување на бранителите на сите обвинети околу презентацијата на доказите од страна на Обвинителството. Тие бараа обвинителот да ги чита сите докази, наместо, како што рекоа, да ги цитира само насловите. Воедно имаа забелешка дека дел од насловите не се содржани во листата на докази кои како Обвинителство ги доставиле до Судот.
За продолжението на главната расправа адвокатите писмено ќе се произнесат по однос на доказите кои ги нуди јавното обвинителство со цел да се избегне одолговлекување на постапката заради чести упаѓања во негирањето на доказите понудени од обвинителството. Обвинителот се согласи на тоа со оглед дека е во интерес на кривичната постапка по што судот ја одложи главната расправа.
Почетокот на судскиот процес за овој случај првично беше закажан за 6 септември 2022. Тогаш се одложи за 14 октомври поради отсуство на двајца од обвинетите. На 14 октомври беше одложено 8 ноември поради тоа што двајца од обвинетите немаа адвокати. На 8 ноември, пак, дојде до ново одложување и презакажување за денеска (7 декември) затоа што еден од обвинетите немаше адвокат бранител.
До судење за пожарот во модуларната болница дојде откако на 27 јули годинава обвинителството поднесе обвинителен предлог до Основниот суд Тетово, од каде истиот беше прифатен. Претходно, обвинителството водеше десетмесечна во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинженер и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.
Двајцата директори, Бесими и Етеми, во случајот се гонат за кривично дело тешки дела против општата сигурност, а докторот Вучески за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово, пак, се товари за делата предизвикување општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.