Изјаснувањето на обвинетиот Трајче Бојковски предизвика реакција кај неговиот бранител, адвокатот Драган Трајковиќ, кој рече дека го советувал својот клиент да признае вина. Тоа тој го најави и пред почетокот на денешното рочиште, но сепак Бојковски се изјасни поинаку. По кратката пауза, Трајковиќ го откажа полномошното, наведувајќи дека на обвинетиот треба да му се определи бранител по службена должност
Во својот воведен говор, обвинителот Љубомир Лапе наведе дека станува збор за случај каков што немало во македонската, но и во судската пракса на поранешната држава Југославија. Сепак, како што кажа, на предизвикот Обвинителството одговорило успешно и дека во текот на судскиот процес ќе докаже оти обвинетиот Бојковски од ниски побуди и со умисла ги извршил тешките кривични дела
Првото рочиште со кое денеска во кумановскиот Основен суд почна судскиот процес против 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, обвинет за четири убиства и два обиди за убиства на жени, се одложи. Причината беше одбивањето на обвинетиот да се изјасни по обвинението и во однос на тоа дали признава или отфрла вина, по што неговиот бранител го откажа полномошното.

На рочиштето денеска воведен збор даде само јавниот обвинител Љубомир Лапе, во кое најави дека преку текот на судењето ќе докаже дека доминантен мотив обвинетиот да ги изврши злосторствата била некрофилијата.
На рочиштето му претходеше вообичаената рутина како пред секој судски процес. Обвинетиот беше спроведен од кумановскиот затвор, каде што е притворен, во судницата, каде беа присутни членовите на семејствата на оштетените, јавниот обвинител и неговиот бранител.
Но, откако судијата Мирсад Суроји се обиде да ги утврди личните податоци на обвинетиот, Бојковски изгледаше отсутно, воопшто не комуницираше со судијата, а погледот му беше фиксиран во таванот на судницата, додека истовремено се смешкаше.
Поради однесувањето и игорнирањето на прашањата, Судот даде кратка пауза, по која странките се вратија во судницата. Обвинетиот Бојковски овојпат, како што пренесоа медиумите, го потврди својот идентитет, а на прашањата на судијата во однос на обвинението рече оти разбира за што е обвинет и се изјасни за невин, пренесе телевизија Телма.
Ваквот изјаснување на обвинетиот предизвика реакција кај неговиот бранител, адвокатот Драган Трајковиќ, кој рече дека го советувал својот клиент да признае вина. Тоа тој го најави и пред почетокот на денешното рочиште, но сепак Бојковски не го стори тоа. Поради настанатата околност беше дадена кратка пауза на барање на адвокатот, по која Трајковиќ го откажа полномошното, наведувајќи дека на обвинетиот треба да му се определи бранител по службена должност.
„Со оглед дека обвинетиот не го прифати мојот совет, како бранител го откажувам моето полномошно согласно член 76 став 7 од Законот за кривична постапка и согласно истиот член став 5 предлагам на судот да му биде определен бранител по службена должност со цел заштита на неговите права и интереси“,
ја пренесува „Слободен печат“ изјавата на Трајковиќ.
Инаку, во својот воведен говор, обвинителот Љубомир Лапе наведе дека станува збор за случај каков што немало во македонската, но и во судската пракса на поранешната држава Југославија. Сепак, како што кажа, на предизвиот Обвинителството одговорило успешно и во текот на судскиот процес ќе докаже дека обвинетиот Бојковски од ниски побуди и со умисла ги извршил тешките кривични дела
„Ќе докажеме дека Бојковски од ниски побуди со умисла лишил од живот четири жени, а се обидел да убие уште други две. Ќе бидат изведени докази од кои ќе се утврдат сите битни факти и елементи на кривичните дела. Од записниците од ексхумациите во корелација со обдукциските наоди ќе се утврди начинот на извршување на делата, а од судско-психијатриското вештачење и останатите докази ќе се утврдат мотивите кои биле движечка сила обвинетиот да ги стори делата“,
рече јавниот обвинител во воведниот говор.
Тој најави дека во текот на доказната постапка ќе бидат сослушани и преживеаните жртви од нападите, пренесе новинската агенција МИА.
„Ќе се утврди дека со намера да задоволи полови страсти кон мртви женски тела искористувајќи ги околностите кои ги знаел, дека се сами, немоќни, најчесто стари и заспани, влегувал во нивните куќи, физички ги напаѓал, ги удирал и ги давел, па откако ќе ги усмртел, со својот полов орган извршувал пенетрација во сега покојните жртви“,
рече обвинителот.

Застапникот на обвинението посочи дека, иако во дејствијата на обвинетиот се содржани повеќе квалификаторни елементи, обвинителството смета дека некрофилијата претставува доминантен мотив за извршување на делата.
До воведни зборови на одбраната не дојде, бидејќи адвокатот на обвинетиот го откажа полномошното откако неговиот клиент се изјасни за невин, спротивно на советите што ги добил од својот бранител. Поради настанатата околност, судијата Сурои го одложи рочиштето и следното го закажа за 31 август во 11 часот во Основниот суд Куманово.
Според обвинението на Основното јавно обвинителство Куманово, Бојковски се товари за четири кривични дела убиство и два обида за убиство, квалификувани согласно член 123 од Кривичниот законик (КЗ). Со оглед дека, според обвинението, со умисла лишил од живот повеќе лица, за делата е предвидена казна затвор од најмалку десет години до доживотен затвор.
Истрагата утврди дека делата биле извршувани од ниски побуди во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година, при што мета на нападите биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами.
Според обвинението, првото убиство било извршено ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце. Второто се случило во периодот меѓу 5 и 7 јуни 2025 година во селото Драгоманце.
Во обвинението се опфатени и два обида за убиство во селото Челопек. Првиот е од 22 јули 2025 година, кога жената успеала да повика помош и да го спречи напаѓачот, по што тој избегал. Вториот обид, според обвинителството, се случил на 9 февруари 2026 година, кога обвинетиот се откажал од намерата и побегнал.
На товар му се ставаат и убиството на жена во Старо Нагоричане во јануари 2026 година и убиството на повозрасна жена во Челопек во февруари истата година.
Во мај годинава обвинителот Љубомир Лапе, на прес-конференција рече дека доказите упатуваат на тоа оти станува збор за прв регистриран случај на сериски убиец во државата, со елементи на фемицид.
Поврзани вести:
- Прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид во Македонија – овчарот од Старо Нагоричане ќе се товари вкупно за шест убиства
- Уапсен 25-годишник во Старо Нагоричане осомничен за убиство на 78-годишна жена
- Дваесет и петгодишник е осомничен за свирепото убиство во кумановско Челопек, се испитува негова поврзаност и со други случаи
- Осомничениот убиец од Старо Нагоричане ќе оди на психијатриска процена
- Двете жени од Општина Старо Нагоричане починале од насилна смрт, велат од Судска медицина
- Осомничениот за убиството во Општина Старо Нагоричане е во затворот во Куманово и е во добра здравствена состојба
- Ќе се ексхумира телото на уште една повозрасна жена од Кумановско, 25-годишникот досега е осомничен за две убиства, мотивот останува непознат
