Состанокот, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, бил одржан на маргините 77. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, а на средбата учествувала и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид
Министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Полска и Шведска – Бујар Османи, Збигњев Рау и Ан Линде – одржаа состанок како дел од тројката претседавачи со ОБСЕ, на кој го повториле својот повик до Русија да ја прекине агресијата во Украина, да ги повлече своите сили и да се усогласи со принципите на ОБСЕ.
Состанокот, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, бил одржан на маргините на 77. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, а на средбата учествувала и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.
„Соговорниците разменија мислења за улогата на ОБСЕ во светло на руската агресија врз Украина и го повторија својот повик до Руската Федерација да ја прекине агресијата, да ги повлече своите сили од Украина и да се усогласи со принципите на ОБСЕ. Случувањата меѓу Ерменија и Азербејџан, исто така, беа во фокусот на средбата. Министрите и генералниот секретар на тројката разговараа за можностите за посилно вклучување на ОБСЕ во областа“,
стои во соопштението.
Тројцата шефови на дипломатии се осврнале и на неодамнешните вооружени судири на границата меѓу Киргистан и Таџикистан, и побарале од страните да го почитуваат прекинот на огнот и да ја стабилизираат ситуацијата со дипломатски решенија.
На средбата била истакната и потребата од усвојување на буџетот на ОБСЕ, се додава во соопштението.
„Воедно, на средбата беа поздравени приоритетите на претстојното претседавање со ОБСЕ на Северна Македонија, фокусирани на заштита на принципите и заложбите на ОБСЕ. Министерот Османи ја реафирмира поддршката на актуелниот претседавач и Генералната секретарка на ОБСЕ во справувањето со моменталните предизвици и ја истакна важноста на употребата на искуството и ресурсите на ОБСЕ како алатка во процесот на барање на одржливи решенија“,
наведуваат во МНР.
Во однос на војната во Украина, рускиот претседател Владимир Путин во средата нареди делумна мобилизација и изјави дека ако постои закана за територијалниот интегритет на Русија, Москва ќе ги искористи сите средства што ѝ се на располагање.
По објавувањето на одлуката за делумна мобилизација, ширум земјата избувнаа демонстрации, а голем број Руси почнаа да ја напуштаа земјата.
Денеска во четирите украински области контролирани од Москва и проруските сили започна гласањето на референдумите за приклучување кон Русија, референдуми кои Западот ги прогласи за нелегитимни и лажни и оцени дека тие се организираат за потоа да следи и нивна нелегална анексија. Станува збор за регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје.
Неодамнешните успеси на Украина која спроведе контраофанзива и врати под своја контрола големи делови од окупираната територија ги поттикнаа властите контролирани од Русија да го закажат гласањето.