Осомничениот напаѓач, 21-годишниот У. Б., беше уапсен утринава во населбата Грошница во околината на Крагуевац, откако од синоќа по него трагаа околу 600 припадници на специјалните единици на српската полиција. Тој е осомничен дека синоќа во селото Мало Орашје со огнено оружје убил пет лица, а ранил шест, а потоа убил уште три лица и ранил осуммина во селото Дубона кај Младеновац
Српското Министерство за внатрешни работи (МВР) објави видеоснимка од апсењето на У. Б. (21), кој е осомничен за масовното убиство кај Младеновац.
Осомничениот напаѓач, 21-годишниот У. Б., беше уапсен утринава во населбата Грошница во околината на Крагуевац, откако од синоќа по него трагаа околу 600 припадници на специјалните единици на српската полиција. Тој е осомничен дека синоќа во селото Мало Орашје со огнено оружје убил пет лица, а ранил шест, а потоа убил уште три лица и ранил осуммина во селото Дубона кај Младеновац.
Според сомневањата, тој потоа се качил во такси-возило и го натерал таксистот да го однесе до селото Вињиште, каде што наводно побарал засолниште во домот на негови роднини.
Медиумите јавуваат дека полицијата извршила претрес во куќата во која наводно се криел 21-годишникот, а таму било пронајдено поголемо количество нелегално оружје и муниција. РТС јавува дека во куќата биле пронајдени четири рачни бомби, калашников и поголема количина муниција.
Момчето немало дозвола за користење на оружјето.
Локалните медиуми јавија дека српската полиција денеска ги уапсила и вујкото и дедото на осомничениот поради сомнение дека по злосторството, 21-годишникот се криел во нивниот дом.
Полицијата и обвинителството работат на расветлување на околностите во врска со убиството.