Обезбедени се 55 респираторни машини за кои се бараше начин да бидат доставени во земјава, информира Министерството за здравство.
Канцеларијата за услуги на проекти на ОН (УНОПС), преку средства обезбедени од Норвешка, обезбеди 25 респиратори, а преку УНДП се набавени уште 30 респиратори од Кина и тие ќе бидат исплатени од итните средства кои ги обезбеди Европската Унија за поддршка на земјава во справување со коронавирусот.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во текот на вчерашниот ден, информирајќи за активностите на Владата поврзани со коронавирусот, кажа дека се бара начин за да се достават овие респиратори.
Османи додаде дека, во рамки на билатералната соработка со Кина, земјава ќе обезбеди уште респиратори, но која е точната бројка не се знае.
„Кина одговори позитивно на нашето барање за обезбедување респиратори, но бидејќи во моментов 100 земји бараат респиратори од Кина, ги немаат на лагер туку тековно ги обезбедуваат и затоа количината на респиратори која ќе може да се обезбеди директно во рамки на билатералната соработка не може да се каже во моментов. Меѓутоа, како што се произведуваат, тие ќе бидат достапни за нашите институции“,
рече Османи.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека во текот на следната недела како донација треба да пристигнат и 500 000 маски и 20 000 теста, реагенси за тестирање на коронавирусот.