Според весникот, американскиот претседател треба да размисли за повлекување од кампањата и од изборите за уште еден мандат
Трамп со месеци ја потценуваше сериозноста на пандемијата, убедуваше дека ситуацијата е под контрола и инсистираше дека земјата го гледа крајот на кризата, а се исмеваше и со неговиот противкандидат Бајден дека носи заштитна маска
Доколку во наредниот период претседателот на САД, Доналд Трамп, покаже симптоми и се разболи од ковид-19, тоа ќе поттикне прашања дали неговото име треба да стои на гласачките ливчиња на изборите на 3 ноември, пишува денеска „Њујорк тајмс“.
Весникот наведува дека откако Трамп (74) објави дека се тестирал и е позитивен на коронавирус, тоа сега претставува закана за неговата изборна кампања против опонентот Џо Бајден, претседателски кандидат на демократите.
„Дури и да не појави симптоми, тој треба да се повлече од кампањата и да биде во изолација во текот на незнаен временски период“,
наведува весникот.
Позитивниот тест на коронавирус, според „Њујорк тајмс“, е сериозен удар за неговата политичка иднина, со оглед на тоа што тој со месеци ја потценуваше сериозноста на пандемијата, иако вирусот сè уште е опасен и убива најмалку 1 000 Американци дневно. Трамп повеќе пати повтори дека вирусот ќе исчезне. Убедуваше дека ситуацијата е под контрола и инсистираше дека земјата го гледа крајот на кризата. Претседателот, исто така, ги потценуваше експертите и епидемиолозите и се исмеваше со нивните тврдења велејќи дека тие грешат за сериозноста на ситуацијата.
Тој се исмеваше и со неговиот опонент Бајден зашто постојано носи маска во јавност. „Гледам лицето му е покриено со голема маска“, рече тој неодамна.
Трамп синоќа на Твитер објави дека тој и сопругата Меланија се позитивни на ковид-19, наведувајќи дека двајцата одат во карантин. Позитивна на коронавирус била и неговата советничка Хоуп Хикс, која деновиве за време на кампањата патувала со Трамп. Се претпоставува дека таа го заразила шефот на државата.