Податоците за новозаразените ги објави министерот Филипче на Фејсбук. За попладнево во 18 часот е закажана прес-конференција
До 16 часот во земјава се дијагностицирани уште 6 нови заболени со коронавирус, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

Се работи за едно девојче од Штип на 4-годишна возраст, кое се инфицирало во градинка во Англија. Семејството се вратило во земјава на 14 март и било во домашна изолација. На тестирање се јавиле вчера, два дена откако девојчето ги почувствувало првите симптоми.
Три нови случаи на коронавирус се регистрирани и во Дебар, а тестовите се направени во рамките на скринингот.
Во Скопје е регистриран 1 случај, кој бил во контакт на претходно дијагностицираните.
И во Гостивар е потврден случај на коронавирус. Се работи за жена вратена од Швајцарија која била во домашна изолација. На тестирање се јавила сама, а на епидемиолошката анкета навела дека имала контакт со заболен во Швајцарија.
Во моментов се тестираат 35 лица. Кога ќе бидат готови резултатите, ќе ја известиме јавноста, напиша Филипче.
Со новите 6 случаи, вкупниот број на заразени во земјава е 48 лица.