Според неа, технолошко-индустриските развојни зони нудат поволни услови за странски инвеститори и ги повика индиските компании да ги искористат можностите за пристап до европскиот пазар преку инвестиции во земјава
Индиската претседателка, пак, ја покани нашата земја да стане членка на Меѓународната соларна алијанса и да учествува на Светскиот аудиовизуелен самит што следната година ќе се одржи во Индија
Северна Македонија и Индија треба да ја интензивираат економската соработка и во следните пет години да ја зголемат трговската размена на најмалку 400 милиони американски долари. Ова го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Македонско-индискиот форум што денеска се одржа во Скопје, а на кој присуствуваше нејзината индиска колешка Друпади Мурму, која е во дводневна официјална посета на земјава.

Според претседателката, Индија денес е еден од двигателите на светската економија, со силен развој во дигитализацијата, вештачката интелигенција и иновациите, оценувајќи дека визијата „Виксит Барат 2047“ е комплементарна со македонските развојни стратегии.
Неодамнешниот договор за слободна трговија меѓу Европската Унија и Индија, како што рече, претставува дополнителен поттик за продлабочување на економските врски.
„Го гледаме ова како силен поттик да ја зајакнеме економската соработка со Индија, особено во автомобилската индустрија, фармацијата, металургијата, прехранбената индустрија и дигиталните технологии“,
кажа таа.
Посочи дека минатогодишната трговска размена од помалку од 133 милиони долари не ги одразува политичките односи и реалниот потенцијал за соработка меѓу двете земји.
„Убедена сум дека можеме да имаме многу, да направиме повеќе од неколку причини. Предлагам амбициозна, но остварлива цел – во следните пет години трговската размена да достигне најмалку 400 милиони американски долари“,
вели Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на економските показатели, претседателката кажа дека Северна Македонија бележи стабилен економски раст, ниска инфлација и раст на индустриското производство, а паралелно се позиционира како енергетски и транспортен центар во регионот преку изградба на гасни интерконектори и модернизација на Коридорите 8 и 10.
Според неа, технолошко-индустриските развојни зони нудат поволни услови за странски инвеститори и ги повика индиските компании да ги искористат можностите за пристап до европскиот пазар преку инвестиции во земјава.

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, пак, оцени дека економските односи меѓу двете земји имаат значително неискористен потенцијал.
„Индија веќе извезува органски хемикалии, електрични машини и текстил во Северна Македонија, а таа, пак извезува висококвалитетен мермер кој високо се цени на нашиот пазар којшто е во експанзија. Сакаме да се диверзифицираме и да ја поставиме нашата амбициозна цел за намалување на загадувањето до крајот на оваа деценија преку нашето економско и трговско партнерство. Нудиме можности за заеднички инвестиции во овие можности се во неколку сектори вклучувајќи дигиталната иновација, вештачката интелигенција, фармацевтската индустрија, здравствената индустрија, производството на храна и енергетската и зелена транзиција“,
кажа таа.
Воедно, ја покани нашата земја да стане членка на Меѓународната соларна алијанса и да учествува на Светскиот аудиовизуелен самит што следната година ќе се одржи во Индија.
„Тоа е меѓународен форум што го организира Владата на Индија да промовира преку гранична соработка меѓу зелените индустрии и другите сектори во Индија. Исто така, поттикнувам партнерства во стартапите во вашите градови коишто ги зголемуваат истражувањата и можностите за претприемништво. Кибербезбедноста и дигиталните решенија исто така се област кои треба да бидат истражени. Двете земји се партнери во идентификацијата на доверливи проекти и развивањето на долгорочни трговски можности. Ги поттикнувам стопанските комори, инвестициските агенции и деловните заедници на двете земји да воспостават врски и да ја олеснат размената на деловна активност меѓу двете земји. Исто така, да поттикнат паметни решенија и инвестиција во технологија, транспорт, заеднички компании и создавање на нови работни места“,
рече Мурму.
Претседателот на Здружените трговски и индустриски комори на Индија (АССОЦХАМ), Нирмал Кумар Минда, оцени дека сега е вистинскиот момент економската соработка да се подигне на повисоко ниво.
Според него, Индија располага со еден од најголемите иновациски екосистеми во светот и силна дигитална инфраструктура, додека Северна Македонија нуди стратешка географска положба, квалификувана работна сила и пристап до европскиот пазар.
На форумот свои обраќања имаа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, министерот за земјоделство Борче Серафимовски, заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски.
Двете претседателки денеска говореа на заедничката прес-конференција во претседателската резиденција на Водно, изразувајќи го заемното задоволство од средбата.
Сиљановска-Давкова рече дека иако оваа посета претставува прв настан на претседателско ниво, пријателството меѓу двете земји не започнува сега, притоа потсетувајќи дека двата народи се познаваат и од времето на поранешна Југославија кога двете држави беа дел од Движењето на неврзаните.
