Како што истакна Сиљановска-Давкова, меѓу сите теми за кои разговарале денеска една се издвоила. Во таа насока, таа рече дека е дојдено време економското партнерство да го достигне квалитетот на политичките односи меѓу двете земји
„Сакаме да промовираме подобра трговија и инвестиции и да охрабриме подобреа соработка меѓу нашите бизниси. Исто така, се согласивме да ја прошириме билатералната трговија, разговаравме за соработка во клучни сектори, вклучително за информатичките технологии, земјоделството, обработката на храна, фармацијата, туризмот, угостителството и аудиовизуелни уметности. Имаме меморандум за соработка во здравството, се договоривме да ја јакнеме оваа соработка особено во насока на традиционалната медицина“, рече претседателката на Индија во своето обраќање на заедничката прес-конференција со Сиљановска-Давкова
Зајакнување на економската соработка, подигање на билатералните односи на повисоко ниво, меѓу другото, и со отворање на резидентна амбасада на Индија во земјава, како и учество на Македонија во мултилатерални инцијативи. Ова биле главните теми на кои разговарале претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и нејзината индиска колешка Друпади Мурму, која е во дводневна официјална посета на земјава.

За ова двете претседателки говореа на заедничката прес-конференција во претседателската резиденција на Водно, изразувајќи го заемното задоволство од денешната средба.
„Кога зборуваме за Индија не говориме само за една држава, туку говориме за една од најголемите и најтрајните цивилизации во историјата на човештвото, каде беа испишани најраните поглавја на човечката цивилизација“,
рече Сиљановска-Давкова на почетокот на своето обраќање.
Во тој контекст, таа се осврна на богатата историја на Индија, нејзиното наследство за човештвото, посочувајќи дека таа е татковина на Махатма Ганди, Рабиндарнат Трагоре и уште многу други личности кои го инспирирале и сè уште инспирираат огромен број луѓе во светот.
Сиљановска-Давкова рече дека иако оваа посета претставува прв настан на претседателско ниво, пријателството меѓу двете земји е започнува сега, притоа потсетувајќи дека двата народи се познаваат и од времето на поранешна Југославија кога двете држави беа дел од Движењето на неврзаните.
„Зошто го споменувам ова, само да потенцирам дека во ера на Студената војна имаше иницијативи за дијалог, еднаквост, солидарност и соживот, се работи за принципи кои денеска се исто така многу важни. Нашите две нации ги поврзува исто така исклучителната врска преку една од најголемите хуманитарки што светот ги познавач, света Мајка Тереза. Родена во Скопје, таа го посвети својот живот на народот на Индија и стана универзален симбол на човечноста. Нобеловата награда за мир и одликувањето ‘Пхарадратна’ сведочат за длабока љубов и почит со кој Индија ја прифати. Таа е уште еднаш ќе повторам е духовен мост меѓу нашите два народи“,
рече македонската претседателка.
На средбата со индиската претседателка, рече Сиљановска-Давкова, била потврдена заедничката решеност за кревање на билатералните односи меѓу двете држави на повисоко ниво, а била поздравен и зголемениот интензитет на политичкиот дијалог, по министерските размени меѓу Скопје и Њу Делхи. Се согласиле дека контактите меѓу двете владите, министерствата, парламентите и институциите на двете држави треба да станат почести, подобро структуирани и поамбициозни. Сиљановска-Давкова изрази очекување дека денешното обраќање на индиската претседателка во Собранието да придонесе за зголемување на парламентарната соработка меѓу двете држави.
„Исто така, ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за зајакнување и се надевам на идно отворање на индиска резидентна амбасада во Скопје. Денешната средба го потврди обемот на нашата билатерална агенда. Преговорите за многубројни договори и меморандумите за разбирање се доказ за силната политичка волја за институционализирање на соработката. Но мислам дека нашата соработка не треба да запре тука“,
кажа македонската претседателка.
Сепак, како што истакна Сиљановска-Давкова, меѓу сите теми за кои разговарале денеска една се издвоила. Во таа насока, таа рече дека е дојдено време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на политичките односи меѓу двете земји.
Говорејќи за брзата економска трансформација на Индија, Сиљановска-Давкова рече оти е убедена дека и ние како држава имаме што да им понудиме на нашите индиски партнери.
„Да споменам само нешто, сместена на крстопатот на главните европски транспортни коридори, со политичка стабилност, конкретна деловна клима, добро квалификувана работна сила, преференцијален пристап до европските пазари, ние сме привлечна влезна точка порта, или може да бидеме за индиските компании коишто сакаат да го прошират своето присуство во Европа. Компаниите од двете земји можат да се надополнуваат од автомобилската индустрија, преку фармацијата, до здравството, информатичките технологии, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинство и напредното производство“,
рече Сиљановска-Давкова.
Надополнувајќи се таа истакна дека има импресивен спектар на можности коишто чекаат да се претворат во конкретни проекти.
„Исто така, говоревме за иднината на економијата – вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања, соработката меѓу универзитетите и новите технологии“,
рече претседателката на државата.
Таа додаде оти очекувањата се во наредните пет години трговската размена меѓу Индија и Македонија да достигне половина милијарда американски долари.

На средбата, според Сиљановска-Давкова, станало збор и за пошироката меѓународна состојба.
„Јасно е дека живее во време обележано со длабоки геополитички промени. Меѓународниот поредок се соочува со еден од најсериозните периоди на неизвесност по завршувањето на Студената војна. Воените конфликти одземаат човечки животни, долгогодишните сојузништва се менуваат. Меѓународното право сè почесто е поставено пред предизвикот на логиката на силата, ако воопшто има логика во силата, а довербата во мултилатералните институции е ослабена. Токму во ваквите моменти мора да се спротивставиме на искушението да се откажеме од принципите и вредностите врз коишто од секогаш се темелел трајниот мир. Потребни ни се силни институции. Како земја членка на НАТО, чијашто стратешка цел е членството во Европската Унија нашата геостратешка положба ни овозможува да водиме повеќе димензионална надворешна политика. Настојуваме да ги продлабочуваме постојните партнерства, но и да градиме нови со земји што ја споделуваат нашата определба за мир, развој и меѓународна соработка. Индија во овој видокруг зазема особено значајно место“,
кажа Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата.
Таа додаде дека двете соговорнички се согласиле дека е потребна реформа на Обединетите нации со далеку порепрезентативен Совет за безбедност, но и со посилно влијание на Генералното собрание.
Обраќањето на индиската претседателка Друпади Мурму беше пократко од она на Сиљановска-Давкова, но во него посочи дека нејзината посета ќе отвори ново поглавје во билатералните односи меѓу двете држави.
Состанокот со својата македонска колешка го оцени како продуктивен, на кој покрај за билатералната соработка се разговарало и за регионалните и глобалните прашања, кои се заеднички интерес за двете држави.
„Сакаме да промовираме подобра трговија и инвестиции и да охрабриме подобреа соработка меѓу нашите бизниси. Исто така, се согласивме да ја прошириме билатералната трговија, разговаравме за соработка во клучни сектори, вклучително за информатичките технологии, земјоделството, обработката на храна, фармацијата, туризмот, угостителството и аудиовизуелни уметности. Имаме меморандум за соработка во здравството, се договоривме да ја јакнеме оваа соработка особено во насока на традиционалната медицина“,
рече Мурму.

Таа посочи дека Индија сака да ја олесни меѓународната соработка преку иницијативи, како што е Меѓународната соларна алијанса и Алијансата за заштита од катастрофи на инфраструктурата. Мурму, во таа насока, додаде дека Македонија ќе има корист од зачленувањето во овие иницијативи.
На крајот таа рече дека со нетрпение чека заедно со Сиљановска-Давкова да ја откријат бистата на Махатма Ганди во Музејот на Град Скопје, која како што кажа е посебен подарок од народот на Индија за народот на Македонија, што ги симболизира заедничките принципи и вредности на двете нации.
