Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски вели дека е предизвикана материјална штета, но нејзниот обем ќе се знае откако ќе биде направен целосен увид од надлежните проценители и составување на официјален записник
Невремето што попладнево го зафати главниот град предизвика материјални штети во повеќе делови од градот.
Блокирани се булевари и улици на нив се паднати гранки од дрвја или лимови. Штета е направена и на возила, а во делови од градот има летнати кровови и откорнати дрвја.

Силниот ветер оштети и дел од кровната конструкција на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски во изјава за МИА рече дека е предизвикана материјална штета, но нејзниот обем ќе се знае откако ќе биде направен целосен увид од надлежните проценители и составување на официјален записник.
„Засега најголема штета имаме на кровот и кровната конструкција“,
рече д-р Стојаноски.
Посочи дека во болницата не се примени повредени лица од невремето во Скопје.
Д-р Анита Димоска, раководителка на Итната медицинска помош во Скопје за „360 степени“ изјави дека откако почнало невремето добиле повеќе пријави за повредени граѓани на неколку локации низ градот.
Најкритичен, вели дека е случајот со повозрасна жена што се здобила со повреда на главата по пад од дрво. Таа е пренесена на Ургентниот центар во Клиничкиот центар во Скопје.
Другите лица, посочи дека се полесно повредени.
Директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ д-р Небојша Настов во изјава за МИА рече дека шест лица што се повредени од невремето се третираат амбулантски.
Пациентите, во главно, се со посекотини и набиеници, но се наоѓаат во стабилна состојба.
