Градската управа на Киев состави список на згради кои во текот на ноќта беа погодени во главниот град на Украина
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков изјави денеска дека руските сили презеле целосна контрола врз целата територија во јужниот украински регион Херсон, пренесоа руските новински агенции
Денеска, на 20-иот ден од војната во Украина, утринава продолжи руското гранатирање на Киев. Две згради во станбени области на Киев се погодени во одвоени напади рано утринава, соопштија украинските служби за итни случаи.
Приватна куќа во Осокорски – област источно од центарот на градот – е погодена од гранатирање утрово непосредно пред 6 часот по локално време. Во двокатницата избувнал пожар, но набрзо бил изгаснат.
Набргу по ова гранатирање, погодена е десеткатница во Подил северно од центарот на градот, при што пожар зафатил пет ката од зградата.
Во меѓувреме, градската управа на Киев состави список на згради кои во текот на ноќта беа погодени во главниот град на Украина.
- Две станбени згради од 9 и 16 ката во областа Свијатошински.
- Зграда од 10 ката во населба Подил.
- Приватна куќа во областа Дарницки.
- Дел од метро-станицата Лукјанивска, метрото се уште работи
Расте бројот на жртвите од вчерашниот воздушен напад врз телевизиска кула во областа Ривне, во северна Украина.
„За жал, мораме да кажеме дека бројот на жртвите е поголем. Урнатините се уште се расчистуваат, а до 8:30 часот утринава имаме 19 загинати и деветмина повредени“,
изјави началникот на воената управа во Ривне, Виталиј Ковал.
Според него, бројката се уште не е конечна. Сепак, тој очекува за неколку часа да се расчистат остатоците од урнатините.
Вчера наутро два руски проектили ја погодија ТВ-кулата и административната зграда во близина на Ривне.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков изјави денеска дека руските сили презеле целосна контрола врз целата територија во јужниот украински регион Херсон, пренесоа руските новински агенции.
Денеска Украина повторно ќе се обиде да достави неопходни продукти до цивилите заробени во опколениот град Мариупол, изјави вицепремиерката Ирина Верешчук.
Москва во понеделникот му дозволи на првиот цивилен конвој да го напушти Мариупол, но претставник на Кабинетот на украинскиот претседател изјави дека Русија повторно го блокирала хуманитарниот конвој со резерви кој се обидува да стигне до градот, објави Ројтерс.
Околу 350 000 луѓе сè уште се заробени во Мариупол, кој е под опсада на руските сили од 1 март, соопштија локалните власти.
„Со оглед на тоа дека градот има 540 000 жители, а околу 150 000 луѓе евакуирани во првите три дена кога тоа беше сè уште безбедно, проценуваме дека околу 350 000 луѓе се заглавени во Мариупол“,
изјави советник на градоначалникот на Мариупол, Петро Андриушченко.
Изминатите денови пропаднаа повеќе обиди за воспоставување безбедни коридори и евакуација на цивили од Мариупол.
Голем конвој со хуманитарна помош што требаше да пристигне во неделата и сè уште не стигнал во градот.
Поголемиот дел од луѓето остануваат во подрумите и засолништата во нехумани услови. Без храна, без вода, без струја, без греење.
Преговорите меѓу Русија и Украина треба да продолжат денеска, откако вчера беа прекинати од технички причини.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави уште една видеопорака во текот на ноќта во која изрази внимателен оптимизам за разговорите и ги повика руските сили да се предадат.
Премиерите на Полска, Чешка и Словенија подоцна денеска ќе отпатуваат за Киев за да се сретнат со Зеленски.
ЕУ го претстави својот четврти сет на санкции против Русија, чија цел е да ја онеспособи нејзината способност да ја финансира инвазијата. И Велика Британија исто така, објави нови санкции насочени кон руската вотка и луксузни стоки.