Анализа на „360 степени“: Што постигна во изминатите две години Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања и кои се темите за кои допрва ќе се кршат копјата, на експертско, но и на политичко ниво меѓу двете земји, додека паралелно се проблематизира одржувањето на првата меѓувладина конференција за старт на преговорите на С Македонија со ЕУ
Македонските историчари во мешовитата комисија со Бугарија денеска повторно ќе седнат во Скопје на иста маса со своите колеги од Софија, една година по нивната последна средба, а додека властите во земјава се во очекување да биде закажана првата меѓувладина конференција, која би значела старт на преговорите со ЕУ.
Историчарите од Северна Македонија и Бугарија досега постигнаа договор за заедничко чествување на пет личности од историјата, како препорака до владите во Скопје и во Софија, а проценките се дека најтешките теми допрва ќе се отвораат, со оглед на превирањата, и на политичко ниво, околу Гоце Делчев и македонскиот јазик.
Кои се личностите за кои има согласност за заедничко чествување:
- Свети Кирил и Методиј – Врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и на извештајот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, македонската Влада минатата година ја прифати сугестијата за заедничко чествување со Бугарија на св. Кирил и Методиј.
- Свети Климент – Има согласност од двете страни за заедничко чествување на словенскиот просветител и еден од најистакнатите ученици на Кирил и Методиј, основач на Охридската книжевна школа.
- Свети Наум Охридски – Мешовитата комисија постигна согласност и за заедничко чествување на свети Наум – еден од основоположниците на словенската писменост, кој се смета за најмладиот ученик на Кирил и Методиј, учесник во Моравската мисија.
- Цар Самуил – Се предвидува и заедничко чествување на цар Самуил, средновековен владетел на територијата на Балканскиот Полуостров.
Григор Прличев – Во мешовитата комисија се разговараше и за заедничко чествување на истакнатиот писател, родум од Охрид и автор на прочуената поема „Сердарот“.
Најтешките прашања допрва следуваат
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани и да помогне во надминување на различните толкувања досега, во период од две години по постигнувањето на Договорот за добрососедство, успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и околу прашањето за Гоце Делчев.
Во изминатиот период, пред повеќемесечниот застој во работата, препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение.
Се потврдија проценките и од двете страни дека најмакотрпен за разгледување ќе биде токму периодот околу настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења, кои се јавуваат на територијата на земјава, каде што има сериозни разидувања во двете историографии.
Една од најжешките теми, секако, е пристапот кон ликот и делото на Гоце Делчев. Според претседателот на македонскиот тим во мешовитата комисија, можното решение е да се прифатат перцепциите на двете држави по ова прашање.
Политиката го усложнува дијалогот меѓу експертите
И додека експертските тимови на двете земји се обидуваат да ги вратат во колосек разговорите за историските и образовни прашања, кои беа прекинати во периодот на ковид-кризата и предизборието во земјава, во политичката арена во Софија се отвораат нови проблематични теми за односите со нашата држава, што би можело да се одрази и на почетокот на преговорите со ЕУ.
Според најавите, Комисијата за образование и наука во бугарскиот парламент денеска ќе одржи јавна расправа за предлогот за преименување на 24 мај од Ден на словенската писменост во Ден на бугарската писменост.
Амандманот во Законот за работни односи е поднесен од група пратеници и веќе беше одобрен на првото гласање.
По предлог на Обединети патриоти и со поддршка на ГЕРБ, чиј претседател е премиерот Бојко Борисов, на почетокот на месецот предлогот беше усвоен на прво читање во парламентот. Со предлогот, празникот се именува како Ден на бугарската писменост, образование и култура, а отпаѓа придавката словенска.
Бугарија неодамна до земјите членки на ЕУ го достави појаснувачки меморандум, во кој меѓудругото се негираат македонскиот јазик и македонската нација, а тврдите бугарски позиции биле потврдени и на средбата минатата недела во Софија меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Екатерина Захариева.