Шефот на дипломатијата на Украина, Андриј Сибиха побара силен меѓународен одговор за варварските напади во кои има десетици жртви и оштетени владини згради, обвинувајќи го Путин за терор врз цивилите поради немоќ на бојното поле
Украина побара итно свикување на Советот за безбедност на Обединетите нации и состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа по најновите масовни руски воздушни напади. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха преку социјалните мрежи апелираше за соодветен и силен одговор против агресорот по ноќните ракетирања, чија главна цел беше регионот на Киев, при што повторно беше употребена балистичката ракета со среден дострел „Орешник“.

Според него, со овие ракетни напади Русија се обидува да го компензира очигледниот недостиг на воен напредок на бојното поле.
„Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја заплаши Украина со напади врз цивили и со уништување станбени згради, музеи, училишта и критична инфраструктура“,
рече тој.
Претходно, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко потврди дека бројот на повредени се искачил на 81 лице, а претседателот Володимир Зеленски информираше за најмалку четири загинати и околу стотина повредени граѓани. Надлежните власти известија дека проектилите предизвикале сериозни оштетувања и на владини објекти, меѓу кои се зградите на Министерството за надворешни работи и на Кабинетот на министрите.
