Украинскиот главен град претрпе огромни разурнувања во еден од најтешките воздушни напади од почетокот на инвазијата, а во меѓувреме европските лидери го осудија лансирањето на новата балистичка ракета како очаен обид за терор врз цивилите
Русија по третпат ја употреби својата нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“, овој пат за масовни напади врз Киевската Област, потврдија руските и украинските власти. Од Киев велат оти ракетата го погодила градот Била Церква во близина на Киев, што претставува прва употреба на овој систем за директно таргетирање на главниот регион.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека лансирањето е одмазда за вчерашниот украински напад врз училиште во окупираната Луганска Област, во кој загинаа 21 ученик. Москва тврди дека биле погодени воени командни центри и индустриски цели, иако тие информации не се независно потврдени од украинска страна.
Ракетата „Орешник“, која може да носи конвенционални и нуклеарни боеви глави и да достигне брзина од 12 000 километри на час, сега е стационирана и во Белорусија, што ја прави сериозна закана за поширокиот европски континент.

Во комбинираниот напад, кој се смета за еден од најтешките од февруари 2022 година, биле лансирани над 600 дронови и 90 проектили, вклучувајќи ги и балистичките „Искандер“, хиперсоничните „Кинжал“ и крстосувачките ракети „Циркон“. Иако украинската воздушна одбрана пресретнала над 600 воздушни објекти, најголемиот дел од балистичките ракети кои ја пробиле одбраната го погодиле Киев како примарна цел. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој употребата на „Орешник“ ја нарече „ненормална“, информира дека во нападите ширум земјата загинале четири лица, а околу 100 се повредени, а оти само во главниот град се оштетени или уништени околу 30 станбени згради, неколку училишта, објект за водоснабдување и еден пазар.

Употребата на новата балистичка ракета и масовните цивилни разурнувања предизвикаа жестоки реакции од Европа. Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, го нарече нападот „политичка тактика на заплашување и непромислено нуклеарно натпреварување“, најавувајќи дека министрите за надворешни работи следната недела ќе разговараат за зголемување на меѓународниот притисок врз Русија. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека овој терор не е одраз на сила, туку го покажува само очајот на Кремљ.
