Професор по сеизмологија објаснува дека земјотресите во близина на Санторини може да траат со недели, па дури и месеци и не е нешто што ќе се промени преку ноќ

Во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос синоќа е регистрирана нова серија земјотреси со јачина над 4 степени, од кои најсилниот е 5,2 степени според Рихтер, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Согласно официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, за два часа биле регистрирани 16 земјотреси меѓу 3,1 и 5 степени, од кои половина биле над 4 степени.
Професорот по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун Костас Папазахос, за грчката телевизија ЕРТ, како што известува дописничката на МИА од Атина, утрово објаснил дека земјотресите во близина на Санторини може да траат со недели, па дури и месеци и не е нешто што ќе се промени преку ноќ.
„Без разлика дали е серија земјотреси или предземјотресна секвенца, тоа трае со недели, понекогаш дури и месеци. Не е пријатна порака, но така е. Низата ќе продолжи и тоа со оваа карактеристика“,
објаснува сеизмологот и додава дека во период од два-три часа може да има земјотреси од 4-5 степени, а потоа да поминат 12-16 часа, да се смири серијата, па повторно да се појават.
Во однос на тоа колку долго би можела да трае појавата, Папазахос посочил дека не можат точно да проценат, но дека е веројатно цел февруари или голем дел од месецот да помине со слична ситуација, изразувајќи надеж дека полека ќе има постепена деескалација.
Паралелно, поради земјотресите во близина на Санторини, првиот крузер за оваа година што денеска требало да пристигне на островот, ја сменил рутата и се закотвил на Крит.
Хотелиерите од Санторини за грчките медиуми во изминатите денови посочија дека засега немаат откажувања на резервациите како за следниот период, така и за велигденските празници.
На туризмот и новата сезона се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговата посета на островот кога рече дека имаат должност да ја заштитат, да ја зачуваат репутацијата на популарната туристичка дестинација и да бидат сигурни дека „2025 година исто така ќе биде одлична година за туризмот на Санторини“ и затоа посочи дека во јавната комуникација, треба да постои баланс меѓу потребата да се дејствува превентивно, без да се репродуцираат катастрофални сценарија, „кои потенцијално може да исплашат некои посетители“.
Училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, поради земјотресите ќе бидат затворени и оваа седмица, со одлука на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.